Светски познатиот уметник на флејта, маестро Емануел Пају ќе настапи вечерва во катедралната црква Св. Софија на шестиот ден  од фестивалот  Охридско лето.

На концертот што ќе започне во 21 часот, Пају, ќе биде  придружуван од пијанистката Светлана Дејановиќ-Аврамовиќ. Ќе бидат изведени соло партитури за флејта, стари дела од барокно време, како и современи уметнички креации.

–  Тука сум неколку денови во Македонија, во Охрид. Градот е магичен, сцената во Света Софија е одлична, акустична, градот е преполн со луѓе кои постојано потпевнуваат, така што се гледа дека музиката е составен дел од нивниот живот. Кога тука ќе се додаде одличната храна, сметам дека ги имаме сите состојки потребни за вечерва да подготвиме одличен концерт, истакна маестро Пају на средбата со новинарите во Охрид.

Според селекторот на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ Гордана Јосифова-Неделковска доаѓањето на Пају во Охрид само ја потврдува екслузивноста на фестивалот.

– Со неговото учество како уметник што прв пат доаѓа тука, се потврдува императивот на „Охридско лето“ да биде секогаш сцена на најголемите, најуспешните, највозвишените , рече Неделковска.

Емануел Пају е редовен учесник на водечки музички фестивали во Европа, САД и на Далечниот Исток. Како солист настапувал со светски признати оркестри како Берлинската филхармонија, Лондонската филхармонија, Тонхале оркестарот од Цирих, Оркестарот на Марински театарот, Камерата Салцбург и многу други. Соработувал со диригенти како Абадо, Ретл, Цинман, Мазел, Гергиев, Гардинер, Хардинг, Ростропович, Перлман. Тој е ексклузивец на „ЕМИ Класикс“, чии музички изданија се опсипувани со бројни награди, како „Златен дијапазон“, „Запис на годината“ на Радио Франција, како и други признанија во Германија и Јапонија.   

Пају за време на гостувањето на Охридско лето одржува и тридневен мајсторски курс на кој младите музичари можат да научат нешто од вештините на големиот уметник.

OhridNews