Во понеделник, 13- ти јули, со почеток во 19 часот во амфитеатарот на Универзитет „Св. Апостол Павле“, охриѓанецот проф. д-р Виктор Груев кој работи во Универзитетот „Вашингтон“ – Сент Луис, Мисури, САД, ќе одржи предавање на тема: „Инспирација од природата за сензори (применливи) во хирургијата“ .
Проф. Груев е изумител на специјално дизајнираните очила со кои хирурзите за време на операциите можат да ги видат клетките на туморот. Пронајдокот претставува вистинска мала револуција во светската медицина, бидејќи овозможува прецизно отстранување само на заболените клетки и запазување на здравото ткиво.
Во своето предавање проф. Груев ќе зборува за два типа на сензори чиј дизајн е заснован врз визуелни системи на животни и нивната примена во неврологијата и онкологијата. Првиот сензор е дизајниран врз основа на визуелниот систем на раковите Мантис, а вториот се заснова врз визуелниот систем на пеперутките Монарх .
По завршување на предавањето проф. Груев им нуди можност на заинтересираните студенти да позборуваат за условите и можностите за запишување на докторски студии од областа на компјутерски науки, електроинженерство и биомедицинско инженерство на Универзитетот „Вашингтон“.
Универзитет „Св. Апостол Павле“ во Охрид ги поканува сите заинтересирани слушатели да присуствуваат на предавањето.
OhridNews