Едно од најголемите имиња во електронската музика, светски познатиот диџеј и продуцент, Фед ле Гранд (Fedde Le Grand), ќе настапи на шестиот Green Beach Festival кој на 31-ви јули ќе се одржи на плажата „Парк“ во Охрид.

-Фед ле Гранд е човекот кој повеќе од 10 години ги тресе подиумите ширум светот, чија музика Мадона ја користеше за промоција на „Sticky and Sweet“ турнејата и кој го измикса нејзиниот хит „Give It to Me”. Станува збор за артист чии изданија се носат рамо до рамо со оние на Дејвид Гета, Стив Анџело и Аксвел.Тој е диџеј со огромни хитови зад себе и фантастични ремикси на Колдплеј, Роби Вилијамс, Мајкл Џексон, Фетбој Слим, Мартин Солвег, Шакира, Шарам и други, се вели во најавата за неговиот настап.

Фед ле Гранд ја започнува кариерата со низа успешни претставувања во родната Холандија, по што следува отворањето на неговиот клуб „Sneakerz“ и издавачката куќа „Фламинго рекордингс”. Во 2004 година оваа компанија почнува да го издава неговиот уникатен звук, за истата денес да биде сместена меѓу највлијателните светски електронски издавачки куќи. „Фламинго рекордс” е етикетата под која во 2006 се објави експлозивниот хит што го стресе светот „Put your hands up 4 Detroit”. Синглот беше број еден во Велика Британија, Шпанија, Русија, Финска и ред други земји и во истата 2006 ги освои престижните награди за најдобра андерграунд хаус трака и најдобра брејк-електро нумера.

Во рамки на претходните изданија на Green Beach Festival настапија Пол Ван Дајк, Армин Ван Бјурен, Фери Корстен, Роџер Санчез, Карл Кокс, Џон Дигвид и други познати диџеи.

 

OhridNews