„Охридскиот цивилизациски код не заслужува кич култура“
Владимир Четкар – 2006 година
Единаесет години подоцна оваа изјава на Владимир Четкар дадена во разговор за OhridNews се’ уште звучи актуелно. Охрид и натаму го бара својот културен идентитет помеѓу два летни викенди во кои ушите на охриѓани и гостите им ги параат сомнителни изведувачи кои имаат третман на музички ѕвезди, додека домашниот квалитет и натаму повеќе е ценет во светот. За среќа на градот му се случуваат и настани кои го неутрализираат кичот кој го уништува духот на Охрид. Една таква културна трансформација на Охрид му се случи синоќа на прекрасната тераса на хотелот „Филип“ каде концерт одржа секстетот на светски познатиот џез и фанк музичар Владимир Четкар.
Четкар кој изминатиот период ги освои симпатиите на публиката во Азија каде настапи на најпознатите фестивали, на охриѓани и гостите им подари незаборавен концерт кој траеше речиси три часа.
Спонтан, секогаш расположен и полн со љубов кон својот град кој неизмерно го сака, Четкар уште еднаш покажа колку го инспирира родното место. На вечерта посветена на виното и џезот во хотел „Филип“, секстетот на Четкар премиерно ја изведе темата „Јагула“, по што следеше емотивна изведба на авторските нумери кои го етаблираа на светската музичка сцена.
Вечерта на виното и џезот по трет пат се одржува во Охрид, а Четкар изрази надеж дека оваа убава традиција ќе продолжи и во иднина. Во меѓувреме него го чекаат бројни концерти низ светот до следното доаѓање во Охрид, каде тој секогаш настапува со посебен жар, како што тоа беше синоќа во хотелот „Филип“.
Светски концерт на светски музичари во хотелот „Филип“
Г.М.