Туберкулозата не е болест од минатото – таа сè уште претставува закана за милиони луѓе ширум светот. Туберкулозата може да се излечи, но само ако се открие навреме, порачува Институтот за јавно здравје по повод Светскиот ден за борба против туберкулоза – 24 Март, глобална иницијатива за подигнување на свеста за оваа сериозна заразна болест, нејзините последици и начините за превенција и лекување. Пораката за Светскиот ден против туберкулоза годинава е „Време е за акција!“.
Според последните податоци со кои располага Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на Република С. Македонија, бројот на новорегистрирани случаи на туберкулоза во 2023 година изнесувал 160 случаи.
Од тие 160, мажи биле 109, а жени 51. Состојбата за 2023 е слична како и за претходните години, со мало намалување во споредба со 2018 и 2019 година, каде бројот изнесувал 217 за 2018 година, односно 199 случаи за 2019 година. Вкупниот број на активни случаи на ТБ во Македонија за 2023 изнесува 290. Од тие 230 биле мажи а 60 жени. Од овие податоци може да забележиме дека бројот на соодносот на случаи на ТБ кај мажи е 2:1 во сооднос со ТБ кај жени, односно ова заболување е многу почесто кај машката популација на Македонија. Низ годините забележуваме пораст на бројот на нови случаи, што е загрижувачки тренд, бидејќи за ова заболување има достапна вакцинација и достапен третман, посочуваат од ИЈЗ.
Иако во последните децении има значителен напредок во дијагностиката и третманот, борбата против туберкулозата сè уште се соочува со многу предизвици. Меѓу нив недоволен пристап до здравствена грижа – во многу сиромашни земји, дијагнозата и третманот се скапи или недостапни, антибиотска резистенција – зголемената отпорност на бактеријата кон лековите го отежнува лекувањето, како и стигматизација и недостаток на информации – многу заболени лица избегнуваат медицинска помош поради страв од социјална осуда.
Според податоците на СЗО во 2023 година, 10,8 милиони луѓе се разболеле од туберкулоза. Најголем дел од тие се во ниско развиените земји, особено во Африка и Азија. 1,25 милиони луѓе во светот, според податоците на СЗО починале како последици од туберкулоза. Позитивно е што откако постојат стратегиите за ТБ во светот, од 2000 година па наваму, околу 79 милиони животи се спасени со кампањите и глобалните напори за крај на туберкулозата.
OhridNews