Овој датум е одбран бидејќи е точно 6 недели пред 15-от Самит за климатски промени на светските лидери во Копенхаген кој ќе се одржи 07.12.2009 – 18.12.2009. По тој повод иницирана е глобална кампања „350.org“ за климатски промени којашто ги повикува светските лидери да постигнат договор во Копенхаген врз основа на најновите научни истражувања. Бројот 350 претставува највисоко безбедно ниво на концентрација на ЦО2 во атмосферата. Оваа бројка бележи неверојатно голем пораст во последните 50 години и денес достигнува до 385,92 ппм. Покаченото ниво на ЦО2 во атмосферата е она што ги предизвикува климатските промени. Поради тоа, основна цел на човештвото денес треба да биде враќање на нивото на ЦО2 до безбедната граница – 350 и токму поради тоа сметаме дека 350 е најважниот број во светот во моментов.
Меѓународниот ден за борба против климатските промени ќе биде одбележан и во македонската метропола, каде денеска ќе бидат поставени штандови на кои граѓаните ќе може да добијат информација за состојбата со глобалното затоплување и за начините на кои би можеле да се вклучат во борбата против климатските промени. Ќе биде одржани и работилници во кои луѓето ќе можат преку цртежи да го искажат своето мислење за климатските промени.