Состојбата со злоупотреба на детскиот труд и понатаму е алармантна и покрај тоа што поминаа 8 години откако стапи на сила Конвенцијата бр. 182 на Меѓународната Организација на трудот (МОТ) за најлошите форми за детскиот труд во Република Македонија, предупреди Првата детска амбасада во светот Меѓаши по повод 12 јуни Светскиот  ден против злоупотребата на детскиот труд.

Иако во Република Македонија основното и средното образование се задолжителни за сите граѓани, сепак над 18.500 деца не се вклучени во редовниот системот на образование, а најмалку 2000 деца го поминуваат своето детство на улица, живеејќи под ведро небо и без родителска грижа. Најчесто овие деца се и жртви на злоупотреба на најлошите форми детскиот труд.

Според најновите проценки во светот 72 милиони деца не се вклучени во основно училиште, а 71 милион деца од  средношколска возраст не се запишани во училиште. Покрај тоа многу и од запишаните ученици не присуствуваат на редовна настава.

Во светот има приближно 246 милиони деца на возраст од 5-17 години чиј труд се злоупотребува. Од таа бројка околу 186 милиони се деца под 15 години. Поразувачки е фактот дека мнозинството, односно 110 милиони се деца под 12 години кои работат со полно работно време и најчесто во лоши  работни услови.

Злоупотребата на детскиот труд подразбира работа на деца кои се под возраста одредена со закон. Но напоменуваме дека, злоупотреба на детски труд не значи само физичка работа, туку и комерцијална и сексуална злоупотреба (детска проституција и порнографија), трговија со деца, деца војници.

За да се постигне елиминирање на сите форми на злоупотреба на детскиот труд потребни се големи напори и посветеност во делот на редуцирање на сиромаштијата, подобра социјалната заштита и вклучување на сите деца во образовниот процес, смета Првата детска амбасада во светот Меѓаши.

OhridNews
Извор:”Макфакс”