Менталното здравје е предизвик во пандемиски и постпандемиски услови. Од почетокот на пандемијата помош бараа и луѓе кои никогаш порано не помислија дека ќе го направат тоа. Психолозите очекуваат дека по пандемијата со Ковид-19, ќе се случи пандемија на ментални нарушувања. По повеќемесечното работење од дома, светот повторно почна да се враќа во нормала, но сега се случува спротивен ефект – луѓето се чувствуваат анксиозни и тешко го прифаќаат враќањето на работа.
Овогодишниот слоган на кампањата што Светската здравствена организација ја организира по повод 10 Октомври – Светскиот ден на заштита на менталното здравје е „Грижа за менталното здравје за сите: Ајде да ја направиме реалност“.
Светскиот ден на менталното здравје има цел да ја подигне свеста за менталното здравје низ целиот свет и да ги мобилизира напорите за елиминирање на стигмата. Од СЗО нагласуваат дека Ковид-19 имаше големо влијание врз менталното здравје на луѓето.
Сепак, постои причина за оптимизам. За време на Светското здравствено собрание во мај 2021 година, владите од целиот свет ја препознаа потребата од зголемување на квалитетните услуги за менталното здравје на сите нивоа, нагласува СЗО.
На почетокот на пандемијата на коронавирусот и за време на вонредната состојба Комората на психолози на Македонија објави на социјалните мрежи контакти на 40 психолози-волонтери од кои повеќето имаа специјална обука за прва психолошка помош и се психотерапевти. Мирјана Јовановска Стојановска, претседател на Комората на психолози во изјава за МИА истакна дека психолозите преку социјалните мрежи, нуделе психолошка помош и биле достапни за сите луѓе од државата, на кои им била потребна психолошка помош за тегоби што им се појавија поврзани со полицискиот час, изолацијата, драстичната промена на животот. Исто така, таа вели дека имало и психолози кои работеле со тимовите на волонтерите од Црвен крст и телефонски броеви на психолози на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија на коишто пациентите можеле да се
Многу од луѓето на почетокот на изолацијата се почувствуваа изолирани и загрозени, но потоа многумина од нив станаа задоволни од седењето дома. Тоа им овозможи да се зближат со семејствата, да поминат повеќе време со децата, да се посвети време на многу работи што претходно ги посакувале но немале време. Враќањето на работа за овие луѓе претставуваше проблем и се појави отпор, вели Јовановска Стојановска.
Претседателката на Комората на психолози посочи дека дел од младите луѓе се повлекоа зад екраните и тешко се соочија со враќањето во реалноста, па така многу родители побараа помош од психолози во врска со проблемите што нивните деца ги имале во однос на социјалното живеење.
Епидемиите и пандемиите низ времето претставувале голема закана за јавното здравје на луѓето. Пред речиси две години кога цел свет се соочи со пандемијата на коронавирусот, се промени и начинот на кој живееме. Од постојаните дружби лице в лице, светот почна да живее во виртуелен свет, којшто за некого донесе безбедност и заштита, но за дел од луѓето поттикна анксиозност и депресија.
Младите лица, особено тинејџерите најтешко го поднесоа периодот на карантин, полициски час и практично изолацијата од социјалниот живот. Наместо дружби со врсниците, посетување на училиште тие беа принудени да седат пред екраните и да го живеат новото „нормално“.
Психолозите потврдија, а и многу научни истражувања го покажуваат тоа дека кај оние млади кои се повлекоа и изолираа од светот, забележани се психолошки тешкотии во функционирањето. Во зависност од карактерот на тинејџерите, забележани се чести појави на регресивни однесувања, тантруми и непознат излив на гнев, но и целосна незаинтересираност, безволност, досада. Сите овие појави им предизвикуваат тешкотии со извршување на училишните обврски, социјализацијата и нормалното секојдневно функционирање.
Пандемијата на коронавирусот со себе донесе и економска криза, загуба на работните места и намалени приходи
Пандемијата донесе огромни потреси во однос на загуба на комоцијата и егзистенцијата на многу семејства, ги ограничи децата и младите пред екраните, се ограничи комуникацијата со другите и со светот, повеќе бевме во загуби отколку во добивки, се наруши некаквиот баланс на животот, поделбите станаа уште поголеми, многу луѓе ја загубија работата, други најдоа работа која им одговара, многу загуби на блиски се случија. Многу загуби и на самите себе, она што сме го знаеле претходно за себе, а она што сега никако не можеме да го видиме, истакна психологот Живановиќ.
Ставот на психологот Јовановска Стојановска е дека се наоѓаме на прагот од економската криза што незадржливо расте и пред нас е времето на нарушување врз менталното здравје.
Овие година и пол и како држава и како народ, некако ги истуркавме активирајќи ги сите резерви што ги имавме. Сега кога резервите се при крај, а не очекуваат поскапувања и реорганизирање на живеењето, ние сме на прагот на временски период кога ќе има многу егзистенцијални проблеми што директно ќе влијаат врз менталното здравје. За тоа како ќе влијае и што ќе се изроди од ова, ќе говориме после една година, додава таа.
Реалноста е дека пандемијата на коронавирусот целосно не промени нас како индивидуи, ни го промени начинот на кој живееме, станавме попретпазливи и грижливи. Ако во минатото безгрижно функциониравме во секојдневниот свет, сега живееме во свет во кој мора да внимаваме и да водиме грижа за нашето здравје и здравјето на најблиските. Да не забораваме дека и менталното здравје е една од главните алатки за нормален и функционален живот во секојдневието, предупредуваат психолозите. Одбележувањето на Светскиот ден на заштита на менталното здравје е од голема важност за целиот свет, организациите ја подигнуваат свеста, а луѓето стануваат свесни дека помошта постои.
OhridNews