Светскиот ден на водните живеалишта, 2 Февруари, во Македонија ќе биде одбележан со свеченост во прекуграничниот регион Преспа парк.
Заедничката идеја помеѓу трите држави Македонија, Грција и Албанија за формирање на прекугранично заштитено подрачје Преспа Парк и отпочнување на заеднички напори за воспоставување на хармонизирано и интегрирано управување со природните вредности во сливот на Преспанското Езеро започна да се реализира пред 10 години. Целта на формирање на регионот е подобрување на социо-економската перспектива на локалните заедници со истовремена заштита и унапредување на исклучително богатиот и ендемичен биодиверзитет кој опстојува во овој регион.
По повод десетгодишнината од формирањето на Преспа парк, едукативно предавање ќе одржи проф. д-р Трајче Талевски од Хидробиолошки Завод од Охрид, истакнат експерт и познавач на состојдите во Преспа и Преспанското Езеро.