По повод Светскиот ден на учителот доделени признанија на најдобрите наставници во предучилишното, основното и средното образование во претходната учебна година, во организација на Сојузот на просветни работници.

Признанијата во предучилишно образование ги добија Роза Костеска од детската градинка „Јасна Ристеска“ во Охрид и Татјана Михајловска од детската градина „Раде Јовчевски – Корчагин“ во Скопје. Најдобри одделенски наставници се Станче Штерјовска од ОУ „Крсте Мисирков“ во Куманово и Виолета Петковска од ОУ „Кочо Рацин“ во Охрид. Во предметната настава, признанието го добија наставничката по музичко образование Ана Цунева од ООМУ „Боро Џони“ во Струмица и наставничката по биологија Олгица Бајалџиева од ОУ „Петар Поп Арсов“ во Скопје. Најдобар наставник во средно образование е Наташа Божиновска од СЕТУГС „Михајло Пупин“ во Скопје, додека пак, најдобри наставници од заедниците се прогласени Хатиџе Топали од ОУ „Петар Здравковски – Пенко“ и Валентина Каранфиловиќ од СОУ „Гоце Делчев“ во Куманово.

Честитајќи им на наградените, Јаневска рече дека учителите, наставниците, професорите – се оние на кои им ги доверуваме нашите најмили за да ги научат да бидат добри, чесни и вредни, да им ги отворат вратите на знаењата и науката и да ги подготват за времето што доаѓа.

Министерката посочи дека оваа Влада има големи очекувања од наставниот кадар, но исто така и ќе им возврати за нивниот труд.

Говорејќи за платите, министерката Јаневска потврди дека ветувањето за повисоки плати на наставниот кадар нема да биде заборавено. Информираше дека за наредната година е планиран поголем Буџет за секторот Образование и наука, над 40 милијарди денари, што вклучува повисоки лични примања на наставниците и засилени капитални инвестиции.

OhridNews