Денес се одбележува светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди, посветен на милиони лица кои во изминатите години трагично го загубија животот на патиштата ширум светот. Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира да се намали црната статистика на патиштата и да се направи сообраќајот побезбеден, тргнувајќи од сопствените грешки и однесување во сообраќајот.
Годишно, во светот, 1.3 милиони луѓе го губат животот во сообраќајни незгоди, а 20 до 50 милиони лица се здобиваат со повреди. Тоа значи дека, како последица од сообраќајни незгоди, дневно умираат над 3.500 лица, односно на секои 25 секунди едно лице го губи животот во сообраќајна незгода. Според статистиката, голем дел од жртвите и повредените лица во сообраќајни незгоди се деца и млади. На светско ниво, годишно околу 400.000 млади лица на возраст до 25 години го губат животот во сообраќајни незгоди, односно околу 1.100 млади лица дневно, велат од РСБСП
Сообраќајните незгоди претставуваат прва причина за смртност за лицата на возраст од 15 до 19 години, втора причина за смртност за лицата на возраст од 10 до 15, како и од 20 до 24 години, и трета причина за смртност за лицата на возраст од 5 до 9 години.
Од РСБСП велат дека во државава се намалува бројот на загинати во сообраќајни незгоди, но илјадници луѓе, секоја година се здобиваат со повреди во сообраќајни незгоди.
Со цел подигање на свеста за фатални последици од неодговорното однесување во сообраќајот Организацијата на Обединетите Нации (ООН) усвои резолуција со која повикува во третата недела од месец ноември да се одбележува Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни незгоди.
По тој повод РСБСП упатува апел да ја намалиме црната статистика на патиштата, да го направиме сообраќајот побезбеден, да тргнеме од себе, од сопствените грешки и од сопственото однесување во сообраќајот. Време е да ја разбудиме свеста и да кажеме стоп за смртта на патиштата.
OhridNews