>Денеска се одбележува меѓународниот ден на мирот Меѓународниот ден на мирот, официјално познат и како Светски ден на мирот, е празник одобрен од Обединетите нации, кој се одбележува секоја година на 21 септември. Тој е посветен на мирот во светот, и особено на отсуството на војна и насилство, што може да биде резултат на привремен прекин на огнот во борбена зона за пристап до хуманитарна помош. Денот за прв пат бил прославен во 1981 година и го одбележуваат многу нации, политички групи, воени групи и луѓе. Во 2013 година, Генералниот секретар на Обединетите нации денот го посветил на едукацијата за мир, клучното превентивно средство за одржливо намалување на војната.

Човештвото е исправено пред други битки. Борбата за целосно справување со пандемијата со КОВИД-19, или за спречување на нејзино проширување, е и битка за трансформацијата на светот во заедница на народи еднакви во користењето на ресурсите и придобивките на хуманоста. Инклузивен свет заснован на почитта кон секој поединец и кон секоја заедница, порача премиерот  Заев.
Меѓународниот ден на мирот-21.Септември е посветен на борбата против омразата, предрасудите и насилството и има за цел да промовира поголемо почитување и достоинство за сите, истакна градоначалникот Константин Георгиески.

Заедничкиот непријател на човештвото, пандемијата COVID-19, ни ја покажа суровата страна на животот и донесе низа искушенија, но истовремено не научи да бидеме похумани, почовечни, потрпеливи и многу повеќе да си помагаме едни на други. Нека мирот и толеранцијата бидат нашата водилка. Да продолжиме по патот на човекољубието и меѓусебното разбирање и заеднички да градиме поправедно, правично и инклузивно општество, напиша градоначалникот Константин Георгиески.

Обединетите нации ги покануваат сите нации и луѓе да го почитуваат прекинот на непријателствата во текот на денот и да го одбележат Денот преку едукација и јавна свест за прашања поврзани со мирот.

 

OhridNews