Светскиот ден на книгата 23 април, НУ Библиотека „Григор Прличев“-Охрид, годинава го одбележува виртуелно поради пандемијата со Ковид–19.
Традиционално УНЕСКО на овој ден ја објавува Светската порака посветена на книгата. Во неа меѓу другото се вели: – Денес, повеќе од кога и да било, во време кога училиштата се затворени ширум светот и кога луѓето се во изолација, моќта на книгите треба да овозможи да се бориме против осаменоста, да ги засили врските меѓу луѓето и да ги прошири нашите видици, притоа стимулирајќи го нашиот дух и нашата креативност.
Македонската порака посветена на празникот на книгата и авторското право годинава ја напиша проф. д-р Методи Чепреганов, невропсихијатар и носи наслов: „Умот царува, а книгата го храни“.
- Денес, невронауката ја потврди архитектурата на нашиот психо-профил, со богатство на знаење што сме го внеле во нашите мемориски записи. Прашањето е кој ја оформува, осознава и инкорпорира менталната и емоционалната интелектуална зрелост на нашата личност? Има само еден одговор. Книгата и богатиот резервоар на знаења. Книгата ни го евоцира минатото и таа меморија нè насочува со поуки; книгата ни ја проектира и осмислува иднината, како реална надеж, која со ум, знаење и работа, треба да ја оствариме и обистиниме и конечно книгата нè учи и нè држи под контрола како да го живееме мигот. Најголемото слепило за една личност е ако книгата не му е пријател и секојдневен сопатник. Таа го храни, го оживува, му ја покажува насоката на неговото постоење, ги орнаментира и збогатува неговите мемориски квалитети и конечно му го осмислува и покажува начинот и насоката на неговата креација, живот, однос со околината, знаење, почит, духовност и постоење. Книгата е изворот, фундаментот и светлината во животната филозофија на нашата секојдневна егзистенција. Дружете се со неа и почитувајте ја како секојдневна насушна храна, којашто ќе ви го збогати умот и животот, порачува д-р Чепреганов.
Под покровителство на УНЕСКО, 23 април е прогласен за Светски ден на книгата и за првпат е прославен во 1995 година. Датумот има цел да ги промовира книгите, да ги поттикне издавачите и да укаже на заштитата на авторското право.
OhridNews