Под мотото „Безбедни и ефективни лекови за сите“, денес се одбележува 25 септември, Светскиот ден на фармацевтите. На овој ден, 1912 година , во Амстердам, е формирана Интернационалната фармацевтска федерација (International Pharmaceutical Federation – FIP).
Изборот на годинашното мото е со цел да се промовира улогата на фармацевтите во заштитата и безбедноста на пациентот преку подобрување на употребата на лекови и намалувањето на медицинските грешки.
Фармацевтите, користејќи ги своите знаења и вештини, се вклучени на сите нивоа во процесот на обезбедување лекови за пациентите, од нивното откривање, испитување, произведување, дистрибуирање и издавање. Одговорноста на фармацевтите е огромна, како во обезбедувањето квалитетно, безбедно и ефикасно лекување на пациентите, така и во делот на превенцијата од појава на грешки и намалување на бројот на несакани реакции од лековите. – велат од Фармацевтската комора на Македонија.
За да можат фармацевтите да одговорат на овој голем предизвик, неопходна е, пред се, солидна едукација, но и широк дијапазон можности за нивно вклучување во различните процеси на лекување и обезбедување на пациентите со лекови, вклучувајќи го и индивидуалното советување придружено со следење на несаканите ефекти од лековите, додаваат од Фармацевтската комора на Македонија.
OhridNews