Во Годишниот извештај за несреќи при работа, што детално ќе го презентира денеска Македонско здружение за заштита при работа (МЗЗПР), се евидентирани 169 несреќи при работа во 2022 година. Информацијата е врз основа на објавите во електронските и печатените медиуми, како и искомуницираните податоци до нив како здружение.

Оваа бројка, информираат од здружението, е конзервативна и во голема мера не го отсликува вистинскиот број на потешки несреќи на работното место, кој во просек како што велат, според податоците на Институтот за јавно здравје до 2020 година е некаде околу 1500 потешко повредени на годишно ниво.

Според податоците кои успеавме да ги прибереме и систематизираме 22 потешки несреќи на работното место беа со фатални последици. Следбено на оваа бројка на загинати вработени, стапката на смртни случаи при работа во Македонија изнесува 3,17, односно на секои 100.000 вработени, тројца вработени гинат на работното место во 2022 година. Оваа стапка на смртност, е во благ пад споредбено со претходната 2021 година, кога изнесувала 3.77. Кога пак како параметар ќе се земат повредите при работа, тогаш стапката на повреди при работа за 2022 година изнесува 21,21, што покажува дека на секои 100.000 вработени, потешко се повредуваат околу 21 вработени. Споредбено со минатата година, кога стапката на повреди при работа изнесувала 16,97, стапката на повреди за 2022 е во благ пораст, стои во Извештајот на Македонското здружение за заштита при работа, во кој како извор за добивање на податоци за несреќите при работи, пред се, се користени информациите објавени во медиумите.

Во фокусот на одбележувањето на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа годинва е темата „Безбедна и здрава работна средина како основен принцип и право на работа.

Овој датум воедно е и Меѓународен ден на комеморација и споменување на сите работници кои своите животи ги изгубиле поради повреди на работа и професионални болести.

OhridNews