Светската пливачка елита ќе се појави во Охрид на 27-то издание на Охридскиот маратон. Досега своето учество на маратонот го пријавиле 30 натпреварувачи (19 во машка и 11 во женска конкуренција), информираа за Макфакс од Пливачката федерација на Македонија (ПМФ).
Маратонот во Охрид е претпоследен во Гран при серијата на ФИНА и е од исклучителна важност за најдобрите оваа сезона околу конечниот пласман – последниот маратон од Гран при серијата на ФИНА ќе се плива на 1-ви септември во Неапол.
Дамјан Блаум од Аргентина, Симоне Ерколи од Италија, како и македонските маратонци Томи Стефановски и Евгениј Поп Ацев (кој минатата година заврши на петтото место) ја предводат листата на учесници во машка конкуренција, кај дамите учеството го потврдиле Русинката Олга Козиуб, Естер Нуњез (Шпанија), Карла Ситиќ (Хрватска).
Покрај Стефановски и Поп Ацев, Македонија на маратонската трка ќе ја претставуваат уште двајца пливачи: Дејан Младеновски и Александар Илиевски, додека во женска конкуренција нашата земја и оваа година нема да има своја претставничка.
Минатата година на трката победија Петар Сојчев од Бугарија во машка и Олга Козиуб од Русија во женска конкуренција – Русинката ќе плива во Охрид и ќе ја брани титулата, додека Стојчев, човек кој 11 пати победуваше на маратонската трка, во периодот од 2001 до 2012 година, тој не триумфираше само во 2005 година, стави крај на кариерата, но тој ќе биде присутен во Охрид, како тренер на Томи Стефановски.
Маратонската трка на 30-километарската патека „Климе Савин“ ќе се одржи на 24-ти август, стартот ќе биде во Свети Наум, а целта на градското пристаниште во Охрид.
„Макфакс“