-Посебно ми е драго што овие големи пијанисти, по долгите преговори, се согласија да ни подарат по еден свој рецитал. И покрај тоа што се едни од најбараните инструменталисти во светот, издвоија време да се навратат на Охрид и Св. Софија. Длабоко верувам дека овие миленици на светската публика, се и миленици на македонската, затоа што со своите инзвонредни настапи на фестивалот оставија длабока трага во неговата историја, потенцира музичкиот селектор на фестивалот, Гордана Јосифоска- Неделкоска.
Петер Лаул, Николај Лугански и Денис Мацуев настапија за прв пат на оваа манифестација како многу млади, а Рамзи Јаса македонската публика имала можност неколку пати да го слуша низ неколкуте децении од постоењето на Охридско лето.
Миленикот на македонската публика, Николај Лугански, учел на Московскиот конзерваториум, а настапувал со сите позначајни оркестри во светот и диригенти како: Кристоф Ешенбах, Владимир Федосејев, Валериј Гергиев, Михаил Плетњов.
Рамзи Јаса
Рамзи Јаса е најдобриот египетски пијанист. Учел на конзерваториумот во Каиро како и на Московскиот конзерваториум. Забележителни се неговите настапи во: салата на Берлинската филхармонија, Кенеди центарот во Вашингтон, Барбикан центарот, Ројал Алберт Хол во Лондон и настапите со Зубин Мехта, Јехуди Мењухин и Владимир Ашкенази.
Денис Мацуев
Кариерата на Денис Мацуев завзема огромни размери по неговата победа на меѓународниот натпревар „Чајковски“ во Москва. Мацуев настапува во сите најзначајни концертни сали во светот и со легендарни диригенти како Клаудио Абадо, Лорин Мазел, Евгени Светланов и Владимир Спиваков.