Некои театри имаат убава местоположба, некои пак имаат убава енергија. Античкиот театар во Охрид ги има и двете нешта“- изјави на свечениот коктел со пријателите, спонзорите и помагателите на „Охридско лето“, шпанскиот диригент Хозеп Висент под чија диригентска палка вечерва ќе биде отворено 55-то јубилејно „Охридско лето“ со музичко сценаскиот спектакл „Кармина Бурана“. 

Сигурен сум дека оваа „Кармина Бурана“ ќе ја претставиме во едно убаво светло и за Вас и за нас.- додаде тој.

Сопранистката Марта Кол најави дека публиката на Античкиот театар ќе ужива во перформансот на „Ла Фура дел Баус“.

-Во претставата се користат и материјали како што се вода, воздух, оквири. Сите овие елементи ќе ги видите на отворањето на фестивалот. Користиме и парфеми, што значи дека ќе ги вклучиме сите чувства. Се надеваме дека Охрид ќе ужива во нашиот перформанс исто како што и ние уживаме во подготовките на фестивалот, посебно на едно вакво убаво место опкружено со езеро и прекрасен фестивал.-рече Кол.

Од име на градот Охрид, уметниците ги поздрави Градоначалникот  Никола Бакрачески. Тој ги повика сите вљубеници во уметноста  да дојдат на Антички театар и да уживаат во големиот спектакл што ќе го приреди прочуената шпанска продукција.

-Можам да кажам дека е се подготвено за едно големо доживување и јас навистина ги повикувам сите вљубеници во театарот и музиката, гостите и сите оние граѓани на Република Македонија кои ја сакаат уметноста, да дојдат во Охрид и да уживаат во спектаклот што ќе ни го приреди „ла Фура дел Баус“ од Шпанија.- изјави градоначалникот Бакрачески.

Селекороката на музичкиот дел на „Охридско лето“ Гордана Јосифова-Неделковска потврди дека се е подготвено да започне 55-тото издание. 

– Годинава за 55-тото издание ќе понудиме нешто ново, поинакво. Тоа ќе биде еден мултимедијален спектакл којшто се надеваме ќе ја импресионира почитуваната фестивалска публика.-рече Јосифова – Неделковска.

Селекторот на драмската програма Ѓорѓи Јолевски истакна дека секоја претстава на годинешната фестивалска програма ќе биде незаборавно доживување и изненадување за публиката. 

-Она што ќе се случува на драмската програма на „Охридско лето“ ќе биде секоја претстава изненадување, екстракт на љубов и убавина. Сите претстави ќе бидат одржани на отворено, под ова прекрасно ѕвездено небо на Охрид, и се разбира, почетокот ќе биде каде ако не на друго место освен во предворјето на „Света Софија“ со една од најдобрите претстави што се има појавено во регионот во режија на еден од најдобрите европски режисери Андраш Урбан. Претстава која што доби на „Битфест“ награда од публиката.- рече Јолевски.

Воз знак на добредојде, организаторот ги почести уметниците со македонско вино, а тие ветија вистински спектакл на Античкиот театар, како што доликува за отворањето на јубилејното издание на најзначајната музичко сценка манифестација во земјата.

OhridNews