Светската економска криза ќе предизвика сериозни загуби и во туризмот, предупредуваат стручњаците. Според нив кризата нема да го одмине ниту регионот, поради што македонските туристички работници и државата треба да се подготват и соодветно да реагираат за да ги ублажат последиците од рецесијата од која земјата дури може да има корист, но само доколку понуди поевтини аранжмани и цени на услугите.


Светската криза ќе го погоди туризмот предупредуваат експертите

Поради кризата туристите ќе го сменат начинот на трошење на своите средства за годишен одмор, а многумина светските топ дестинации и скапи летувања ќе ги заменат со пократок одмор во своите земји, вели Давид Ќаар – професор на високата школа за туризам  „Довил“ –  Франција.

Тој посочи дека туристите ќе имаат и поголеми барања во однос на цените на аранжманите, ќе прават резервации во последна минута и ќе користат многу повеќе интернет за избор на поевтини дестинации. Сепек според Ќаар, Макдонија може  да ја искористи економската криза и да привлече повеќе странски туристи, но само доколку излезе со соодветна понуда.

Македонија има шанса  да привлече повеќе туристи во економската криза, кои се заинтересирани за аранжмани со пониски цени. Доколку Македонија е подготвена да понуди конкретен и соодветен туристички производ, странските туристи би биле заинтересирани да ја посетат. Дел од туристите бараат ниски ценни, а други бараат да посетат културно – историски знаменитости, а Македонија е земја која има големи културни и сакрални богатства  кои може да ги понуди и затоа би била интересна за странците, вели професорот Ќаар.

Слично размислува и неговиот колега од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, професор д-р Климе Попоски. Според него кризата веќе се чувствува во Македонија на што упатува и помалата посетеност на Охрид за Велигденските празници во споредба со изминатите години. Според него опаѓање на туристчкиот промет треба да се очекува и во претстојната сезона затоа што најголемиот дел од гостите кои доаѓаа во изминатите години во Охрид потекнуват од соседните земји кои сериозно се погодени од кризата.

Треба да се размислува за визна либерализација и намалување на ДДВ во туризмот,  со што би се дало одреден стимул на туристичките работници, но сето тоа треба да биде во контекст на намалување на цените на туристичките производи бидејќи само тоа може да влијае на привлекување на гости, смета професорот Попоски.

И додека експертската јавност укажува на последиците од светската економска криза, туристичките работници и угостителите во Охрид не чувствуваат потреба од корекција на цените на услугите.


Хотелиерите упатија неколку барања до владата за воведување конкретни мерки кои можат да влијаат на намалување на цените и зголемување на конкурентноста, но цените на сместувањето и натаму се непроменети. Истото важи и за цените во угостителските објекти кои традиционално трпат корекции нагоре токму за првомајските празници. Верни на ваквата “традиција“ останаа дел од охридските угостители, но и дуќанџии, па така деновиве цената на негазиран сок во некои кафетерии во воцентарот отиде над 120 денари, пивото над стотка, енергетскиот пијалок „Ред бул“ на 220 денари, а мала пица се продаваше и за 250 денари. Гостите регаираа и на цените во малопродажбата, каде брендот кока кола на пример и покрај заштитната цена јасно означена на шишето се продаваше поскапо. Ова се дел од забелешките што гостите им ги изнесоа на охриѓани кои имаат доволен период пред главната туристичка сезона сериозно да размислат дали е потребна некаква корекција на цените на услугите, што според експертите е неопходен предуслов за привлекување на туристи во време на економска криза.

Ohridnews