Земјите од Балканот ќе ја почувствуваат светската економска криза во наредниот период уште посилно, сметаат експертите кои учествуваат на Економскиот форум, што се одржува во Охрид. Дел од нив стравуваат дека финансиското цунами ќе предизвика сериозни финансиски проблеми во земјите од регионот- од пад на производството и извозот, до невработеност и зголемување на сиромаштијата, па дури и рецесија.

Угледниот експерт од Виенскиот економски форум, Владимир Глигоров, смета дека кризата особено ќе се почувствува во енергесткиот сектор. Земјите од регионот изминатата декада ја потрошија на тоа  дали и каква енергетска стратегија му треба на Балканот. Според  Глигоров инвестициите ќе се намалат и во  енергесткиот сектор, што ќе предизвика криза која нема да може лесно да се реши во наредните година и пол до две години.

Наспроти ваквите песимистички најави, одговорните во банкарскиот сектор во Македонија не го делат мислењето дека на регионот му се заканува рецесија.
 
Економскиот раст на земјите во регионот ќе бележи пад како последица на светската економска криза, но тоа не значи дека тие ќе западнат во рецесија рече вице -гувернерот на Народната банка на Македонија, Димитар Богов. „Ако минатата година се бележеше раст од 7 – 8 проценти тогаш очекуваниот раст веќе е намален на 4 до 5 проценти. Но, тоа не значи рецесија туку забавување на економскот раст“, рече Богов.

На Економскиот форум во Охрид учествуваат голем број експерти и финансиски аналитичари од регионот и пошироко, а за перспективите на Балканот денеска во Охрид ќе расправаат претседателите на државите од опкружувањето.

Г. Момироски