Светската конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог на тема Придонесот на верата и културата кон мир, заемна почит и соживот започнува денеска во Охрид.
Конференцијата ја организира Министерството за култура во соработка со Комисијата за односи со верските заедници и религиски групи, како и со верските заедници на Република Македонија, а финансиски е помогната од Владата на Република Македонија, УНЕСКО, Светската исламска лига, а како партнер е Светската конференција за религии за мир.
Целта на конференцијата е верските заедници да придонесат кон воспоставување на светскиот мир и надминување на меѓусебните разлики. На Конференцијата која се одржува во хотелот Инекс Горица, најавено е учество на близу 500-тини претставници од сите религии, а настанот ќе го следат околу 100 новинари, фоторепортери и сниматели.
Светската конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог „Придонесот на верата и културата кон мир, заемна почит и соживот“свечено ќе биде отворена денеска а се очекува на отворањето да се обрати и премиерот Никола Груевски.
Обновувањето на взаемната доверба, враќањето кон традиционалните вредности преку богопочитување и почитување на ближниот, воспоставувањето на меѓурелигискиот и меѓуцивилизациски дијалог, треба да помогне светот да се ослободи од предрасудите, подвоеноста и заблудите, а сите ние да се посветиме на креирањето на еден подобар свет, е главната порака што од Охрид ќе ја упатат претставниците на најголемите светски религии.
Паралелно со оддржувањето на Конференцијата вечерва во Центарот за култура ќе биде отворена интернационална изложба на уметници од Балканот, насловена како „Добро утро Балкан“.
Горан Момироски
фото: МИА