Светската конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог завршува денеска во Охрид со усвојување на Декларација за унапредување на меѓуверскиот дијалог, разбирање и заедништво.
Во Декларацијта што ќе ја усвојат верските лидери се наведува дека практикувањето на верата треба да биде во функција на остварувањето на длабоко човечките и морални вредности.
Се осудуваат злоупотребата на верската практика и искривувањето на верските начела, како глорификацијата и фаворизирањето на една вероисповед наспроти другите. Исто така се осудуваат сите форми на верско насилство и нетолеранција, како и злоупотребата на верата и сите видови на дискриминација и делување кои го понижуваат достоинството на човекот, стои во Декларацијата.
Верските лидери повикуваат на зацврстување и развивање на дијалогот меѓу различните вери, култури и цивилизации и суштинската улога на овој пристап во борбата против тероризмот. Според нив образованието треба да биде значаен столб во формирањето на личноста и претставува суштинска основа за унапредување на толеранцијата, меѓурелигискиот и меѓуцивилизацискиот дијалог и разбирање, почитување на разликите, човековите права и демократски начела.
Декларацијата за унапредување на меѓуверскиот дијалог, разбирање и заедништво ќе се достави до Генералното собрание на Обединетите нации-ОН, Советот на Европа, ОБСЕ, Арапската лига, Африканската унија, Асоцијалцијата на јужноазиските нации, Централно азиската осцијација за соработка, Организацијата на американските држави, Меѓународната организација на Франкофонијата, како и до Владите на државите-членки на ОН.
На завршниот ден од конференцијата ќе биде избран и Меѓународниот организационен комитет кој ќе работи на подготовка на наредната Светска конференција, која ќе се оддржи јули 2010 година во Охрид.
Горан Момироски