Светската конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог што заврши вчера во Охрид со усвојување на Декларација за унапредување на меѓуверскиот дијалог, учесниците, претставници на сите светски религии од педесетина земји ја оценија како исклучително успешна.
Тие едногласно и без забелешки ја усвоија Декларацијата во која се наведува дека практикувањето на верата треба да биде во функција на остварување на длабоките духовни и морални вредности, а почитувањето на правата на различните етнички и верски заедници е суштествен елемент во промовирањето на меѓусебниот дијалог на различните вероисповеди, цивилизации и култури.
Декларацијата без забелешки и едногласно ја подржаа претставниците на сите верски заедници, што се смета за голем успех на охридската конференција чии пораки за мир и разбирање ќе бидат испратени до ОН, други релевантни институции и верски асоцијации….
Верските лидери ги осудија сите форми на верско насилство, нетолеранција и дискриминација, како и верите што проповедаат терор.
Според министерот за надворешни работи Антонио Милошпоски, „дијалогот на светската конференција што се водеше во Охрид е доказ дека човештвото има сила да постигне сојуз на верите и цивилизациите наспроти ризикот да бидеме соочени со судири“.
На Светската конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог учествуваа 280 претставници на доминантните религии од 50 земји во светот. Тие се договорија и следната Конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог да се одржи во Охрид во 2010 година.
Г. Момироски
фото:В. Бујароски