Изложбата на постер фотографии „Север Југ Исток Запад“, која зборува за климатските промени во светот денеска пристигна во Охрид. Станува збор за изложба која патува низ светот од 2005 година и досега поминала низ повеќе од 60 држави.

Изложбата ќе ја отворат Амбасадорот на Обединетото Кралство, Неговата Екселенција Андру Ки, Градоначалникот на општина Охрид, Александар Петрески  и координаторот на националната кампања Искра Стојковска во 19:00 часот, во Н.У. Центар за култура „Григор Прличев“ – Охрид.


Изложбата се состои од 23 постер фотографии, изработени од познати светски фотографи, кои на 12 локации ширум светот со своите апарати документирале како Земјата и животите на луѓето се менуваат поради климатските промени, како и мерките кои различни нации ги спроведуваат со цел да ги спречат катастрофалните последици кои ни се закануваат.

Оваа изложба е дел од глобалната кампања „Град без јаглерод“ на Британскиот Совет. Како соработници на кампањата се појавуваат врвни личности од различни области, како бившиот премиер на Обединетото Кралство Тони Блер, бившиот Генерален Секретар на Обединетите Нации, Кофи Анан, познатиот актер и активист Леонардо ДиКаприо и многу други.

Во Македонија турнејата на изложбата „Север Југ Исток Запад“ ја организира еколошкото здружение на граѓани Фронт 21/42 како една од активностите на националната кампања за подигнување на јавната свест за климатските промени „Нашата клима се менува – мора да се промениме и ние!“. Во рамки на истата кампања во Декември минатата година беа посадени 1000 нови садници во околината на Охрид.

Кампањата е подржана од Британската амбасада во Скопје и се реализира во соработка со Блу Скај младинската мрежа и општините во кои  се  одвиваат активностите.
За времетраењето на изложбата ќе бидат организирани групни посети од училиштата, а младите борци против климатски промени од Блу Скај клубот од Охрид ќе одржат едукативни презентации за климатските промени за учениците.

Изложбата ќе биде отворена до 13-ти мај, а организаторот соопшти дека влезот е бесплатен.

ohridnews