Бројот на невработени во општина Охрид во првиот квартал од оваа година се зголемил за нови 300 лица. Според директорот на Агенцијата за вработување во Охрид, Ване Баткоски, зголемувањето на невработеноста во општината е директна последица на светската економската криза.

– Во почетокот на 2007 година во мај во Агенцијата беа регистрирани околу 12 400 невработени лица во Охрид, додека во периодот август – септември 2008 година тој број е намален на 11 100 лица, што значи намалување на невработеноста за околу 10 %. Во изминатите неколку месеци како последица на  светската рецесија која има свои рефлексии врз нашата економија бројот на невработените е незначително зголемен од 11 100 невработени на 11 400 лица, вели Баткоски.


Најголем број нови невработени, додава Баткоски, има во текстилната индустрија и во метало-преработувачката индустија кои се најпогодени во ова наше подрачје од светската рецесија.

Баткоски најави дека во наредниот период ќе се преземат повеќе активни мерки кои треба да придонесат за намалување на невработеноста во Охрид.

– Деновиве започнува имплементацијата на повеќе активни мерки за вработување кои се насочени кон невработените лица, од кои бенефит ќе имаат и самите работодавачи. За прв пат се опфатени и лицата од ранливи категории, родители на деца  со посебни потреби, млади брачни парови со повеќе деца и постари лица, така што во наредниот период очекуваме намалување на невработеноста, истакна Баткоски.

Заинтересираните граѓани повеќе информации за овие проекти ќе можат да добијат во Агенцијата за вработување во Охрид.

Ohridnews