Светската асоцијација за пливање на отворени води (WOWSA) званично ги верификува сите 10 препливувања на охридскиот супер херој Марко Пејчиновски во должина од 250.27 км.
Откако ја започа својата пливачка кариера до денес, Марко прави подвизи кои никој до сега ги нема направено. Постојано ги крева стандардите, прави нешто поголемо, нешто потешко. Целта му е да го тргне зборот невозможно од нашиот речник.
Да докажам дека сите можеме да успееме, без разлика на препреките кои ни стојат на патот, порача Марко во мај кога ги најавуваше подвизите кои ги оствари ова лето.
На 12 јуни Марко за 5 часа 25 минути го заврши пливањето од 13,84 километри во Охридското Езеро, од Радожда до Охрид. На 18 јуни за 6 часа 40 минути преплива 18,28 км од Радожда до Градиште, додека на 26 јуни за 6 часа 4 минути мина 20,27 км од Радожда до Трпејца.
На 3-ти јули за 9 часа, 26 минути, Марко го заврши пливањето во должина од 29,11 километри од Струга до Свети Наум, на 17 јули за 7 часа, 5 минути преплива 20,53 километри од Струга до Пештани. Патеката во должина од 21,81 км од Струга до Градиште ја преплива на 24 јули за 6 часа, 53 минути, додека дистанцата Радожда – Трпејца – Градише во должина од 24,03 километри на 31 јули ја преплива за 6 часа 52 минути.
Подвизите продолжија и во август каде на 7-ми за 5 часа 16 минути и 15 секунди го заврши пливањето од 18,27 километри од Заум до Охрид, додека на 14-ти за 5 часа 59 минути го заврши пливањето од 20,29 километри од Градиште до Охрид со пресврт кај Трпејца.
Последниот подвиг со кој ја заокружи поставената цел од десет препливување започна на 27 август и финишира на 28 август. Во овој подвиг Марко за 21 час, 41 минута и 48 секунди, Марко преплива 63,84 км од Охрид до Манастирот Свети Наум, во Струга и назад во Охрид.
Инаку, во септември минатата година Марко пливаше за децата со ретки болести. Претходно, Марко преплива од Охрид до Св. Наум на 3-ти јули во чест на празникот посветен на „Преподобен Наум Охридски Чудотворец“ кој се празнува на тој ден, и стана најмладата личност која ја препливала оваа патека за време од 7 часа и 15 минути.
Марко во 2018-та година за неполни девет часа го преплива Охридското Езеро и стана најмлад пливач кој остварил таков подвиг, што го сврсти во легендите на овој спорт и на Охрид воопшто, и му донесе бројни награди и признанија.
Н.С.Ј.