Македонскиот филм „Џган“ своето прикажување пред американската публика ќе го има на 20-ти октомври во 20:45 часот на филмскиот фестивал во Чикаго во натпреварувачката селекција на филмски жанрови „After Dark“.
Интернационалниот филмски фестивал во Чикаго постои од далечната 1964 година и на него продефилирале имиња како Мартин Скорсезе, Џон Карпентер, Вим Вендерс, Тејлор Хакфорд, Питер Вир, Алан Паркер, Питер Гриневеј , Крзицстоф Кишловски, но и многу други.
Македонски продуцент на филмот е продукцијата „Дрим Фектори“, ко-продуцент на филмот е „Red helicopter films“ од Албанија. Филмот е финансиски поддржан и од Агенцијата за филм на Република Македонија, и SEE Cinema network.
Главните улоги ги толкуваат Мартин Ѓоргоски, Дениз Абдула и Никола Ристановски. Во филмот од останатата актерска екипа играат и Сара Климоска, Љупчо Тодоровски, Адем Карага, Горан Стојановски, Игор Стојчевски, Борис Дамовски, Марија Кондовска, Ристо Буразденов, Мартин Живковски и др.
Поведен од слоганот на филмот дека „Никој не е роден насилен”, Вардан Тозија ги изработи сценариото и режијата, дизајнот на шминката и маските ги изработи Горан Игњатовски, костимограф е Жаклина Крстевска, дизајнер на Звук е Игор Поповски, музиката ја работеше Александар Пејовски, сценографијата е дело на Кирил Спасески и Наташа Димитриевска, директор на фотографија е Владимир Самоиловски, монтажер е Атанас Ѓеоргиев, кастингот го работеше Кирјана Николовска, а продуцент на филмот е Огнен Антов.
„Низа од свирепи околности претвораат тивко и повлечено момче во суров, бескомпромисен водач на група отфрлени штитеници од дом за деца без родители. Заедно, тие тргнуваат во слепа одмазда кон светот зад нивните ѕидови, што им нанел само болка и страдање. Светот во кој за нив, постои само едно, заедничко име – ЏГАН“.
OhridNews