По 2020 и 2021 кои беа оценети како години исполнети со многу предизвици, многу луѓе ширум светот почувстуваа дека 2022 година била малку подобра. Сепак, кај нив преовладува чувството на несигурност, наметнато од неизвесноста околу исходот од краткорочните и долгорочните предизвици во иднина. Луѓето глобално сакаат да гледаат оптимистички на 2023 година, но сепак кај нив постои загриженост, во најголем дел за состојбите во економијата, животната средина и светската безбедност.
Како беше годинава? 2022 година во ретроспектива
Во она што сега е децениска традиција, „Ипсос“ спроведе анкета опфаќајќи повеќе од 24 илјади граѓани од 36 земји, барајќи од нив да размислат за годината што помина и годината што доаѓа. Бидејќи 2022 година ја одбележаа Ковид-19, меѓународен конфликт, економски проблеми и климатски промени што налагаат што поитно дејствување, повеќето од испитаниците се согласуваат дека тоа беше година со предизвици. Како и обично, постои значителна разлика помеѓу тоа како луѓето ја почувствувале годината што изминува, кога станува збор за нив лично и за нивното семејство со она каква била година за државата во која живеат. Во просек во сите опфатени 36 земји, повеќе од половината на анкетираните (56 отсто) ја опишуваат 2022 како лоша година за нив и за нивното семејство. Уште повеќе (73 проценти) велат дека тоа била лоша година за нивната земја. Сепак, бројките укажуваат на извесен степен на подобрување. И во двата случаи бројките се подобри споредбено со соодветните за 2021 година (кои беа 58% и 77%) и значително подобри од „ужасната“ 2020 година кога 90 отсто од анкетираните рекоа дека тоа била лоша година и за нивната земја и за нив и нивните семејства.
Сепак, овие глобални бројки даваат мошне различна слика. Во 15 од 36-те држави повеќе од 80 отсто од граѓаните сметаат дека 2022 година била лоша година за нивната земја, најмногу изразено во Велика Британија и во Унгарија (и двете 87 проценти). Кај четири држави (Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, и обете со 44 отсто и во Кина и Швајцарија – обете со 48 отсто), помалку од половина од анкетираните сметаат дека 2022 година била лоша година. Сепак, на крајот трендот е со тенденција да биде позитивен. Процентот на оние кои ја опишуваат 2022 година како лоша година за нивната земја е помал од процентот на оние кои го кажале истото за 2021 година или во просек за четири процентни поени на глобално ниво. Понизок е за десет поени или повеќе во осум од 26-те земји – најмногу во Сингапур (23 поени пониско), Индија (16 поени пониско) и Малезија (14 поени пониско). Обратен тренд е забележан во Полска (10 поени повисоко), Шведска (12 поени повисоко) и во Данска (13 поени повисоко).
Во исчекување на 2023 година
Тој претпазлив оптимизам сепак, не е толку уверлив во сите области од животот. Од 17 прашања по однос трендовите од 2021 година, особено оние фокусирани на тоа каква ќе биде 2023 година, околу половина покажуваат значително попесимистички поглед на она што ќе донесе следната година. Голем дел од таа негативност произлегува од економската ситуација, но истата се протега и надвор од економијата, опфаќајќи ги елементарните непогоди поврзани со климатските промени, заканите од употреба на нуклеарно оружје, па дури и можни удари на астероиди и посети од вонземјани.
Економијата во 2023 година
Генерално, има многу повеќе песимизам за глобалната економија отколку истиот период лани. Само 46 отсто од испитаниците веруваат дека глобалната економија ќе биде посилна следната година, во споредба со 61 процент што тоа ги мислеа минатата година и 54-те проценти во 2020 година. Најпесимистички по однос економијата се луѓето во Белгија, каде само 27 проценти очекуваат да видат подобрувања, додека најоптимистични се луѓето во Кина и во ОАР каде подобри времиња очекуваат 78 односно 76 проценти. Причините за тој песимизам се јасни. Големо мнозинство очекуваат трошоците за живот (79 отсто) очекуваат цените да се зголемат, 75 проценти очекуваат повисоки стапки на инфлација), нивоата на невработеност (68 отсто) и повисоки каматни стапки (74 отсто).
Уште позагрижувачки, речиси половина (46 проценти) ценат дека за спас на нивната земја ќе биде потребна интервенција од Меѓународниот монетарен фонд, при што најзагрижени за такво сценарио се луѓето во Јужна Африка (78%) и Аргентина (70%).
Половината сметаат дека е веројатно дека главните берзи ширум светот ќе крахираат, што е значително зголемување од 2022 година, каде што така мислеа 35 проценти. Оваа година 15 отсто од луѓето сметаат дека тоа е неизбежно.
Светската безбедност во 2023 година
Светската безбедност беше прашање за кое многу размислуваа луѓето оваа година, со активни конфликтни зони во некои делови на светот и услови на зголемени меѓународни тензии во други.
Можната ескалација на конфликти ја зголеми загриженоста од употреба на нуклеарното оружје некаде во светот. Речиси половина (48 отсто) сега сметаат дека тоа е веројатно сценарио, а не обична можност, значително повеќе од 34-те проценти од минатата година. Вознемиреноста е особено висока во Индонезија (69%), како и во Перу и Колумбија (и двете 62%).
Улогата на технологијата во потенцијални безбедносни кризи исто така е присатна кај испитаниците. Повеќе од четворица од десет анкетирани (44 отсто споредбено со 38-те проценти минатата година) велат дека најверојатно хакери од странска влада ќе предизвикаат глобално исклучување на ИТ. Речиси половината сметаат дека некаква програма за вештачка интелигенција што нема да може да биде запрена ќе предизвика значителен хаос во нивната земја, иако, охрабрувачки, таквите стравувања значително е помала од минатата година (намалување за 15 процентни поени).
Општо расположение на вознемиреност постои кога се во прашање катастрофални вселенски случувања. Сега 22 отсто мислат дека во 2023 година во Земјата ќе удри астероид (за разлика од 16% минатата година и 15% претходната година), додека 18 проценти олекуваат Земјата да ја посетат вонземјани (за разлика од 14% минатата година). Како и изминатите година, тука најбројни се Индијците, каде дури 43 отсто од луѓето сметаат дека веројатно врсти од други планети ќе допатуваат во текот на наредната година.
Животна средина во 2023 година
Повеќето луѓе ширум светот веруваат дека во 2023 година ќе видиме уште повеќе последици од климатските промени. На пример, 65 проценти (од 60% минатата година) велат дека веројатно ќе има поекстремни временски настани во нивната земја следната година. Многу земји – особено низ Европа – се песимисти за улогата што технологијата ќе ја има во запирање на климатските промени. Помалку од 20 отсто од луѓето во Велика Британија, Франција, Белгија, Полска, Швајцарија, Унгарија и Романија сметаат дека е веројатно дека ќе има развиена технологија што ќе ги запре климатските промени. Јапонците се исто така песимисти на овој фронт (само 14 проценти од Јапонците сметаат дека тоа е веројатно да се случи).
Повеќе од половина или 57 отсто, исто така, сметаат дека 2023 година веројатно ќе биде најжешката година во историјата, додека околу еден од тројца (36 отсто) се уште попесимистични со мислење дека делови од нивната земја поради горештини ќе станат неиздржливи за живеење. Повеќе од четири од десет (45 отсто наспроти 39% минатата година) очекуваат природна катастрофа да погоди голем град во нивната земја. По однос тоа прашање постојат мошне изразени варијации кај државите, со висока загриженост од 78 отсто во Индонезија, 66% во Турција и 65% во САД, до под 25 проценти во Ирска, Унгарија и Израел ( сите 24%), Швајцарија и Данска (и двете по 23%) и Романија (22%). Очекувањата за голем напредок во справувањето со климатските промени се релативно ниски: бројките кои очекуваат дека помалку луѓе ќе користат авионски превоз отколку во 2019 година пред пандемијата Ковид-19 се намалени од 45 отсто минатата 42 проценти оваа година. Тоа несомнено е поттикнато од желбата да се обноват навиките за патување во странство бидејќи правилата и ограничувањата воведени за да се ограничи ширењето на коронавирусот се олеснети низ целиот свет. Само околу една третина сметаат дека е веројатно бројот велосипеди да го надмине бројот автомобили во нивниот главен град (34%) или дека ќе има развиена технологија која ќе ги запре климатските промени (32 проценти).
Општеството во 2023 година
Шест од десетмина или 60 проценти не очекуваат понатамошни заклучувања поради коронавирусот во нивната земја следната година, како и дека луѓето се враќаат во некоја форма на нормалност. Во Кина и Јужна Кореја, околу половина од анкетираните луѓе (43% и 44% соодветно) сметаат дека ќе има повторни ограничувања. Во Индонезија пак огромно мнозинство (82%) се речиси уверени дека нема да има дополнителни ограничувања во 2023 година.
Сè уште не е јасно до кој степен ќе продолжат и ќе дополнително да се развиваат промените во работните обрасци што ги наметна коронавирусот – само околу еден од тројца (37%) веруваат дека ќе стане нормално за бизнисите во нивната земја да спроведат четиридневна работна недела во текот на 2023 година. Мислењето дека многу повеќе луѓе ќе ги живеат своите животи во виртуелни светови е практично непроменето од минатата година и изнесува 56%.
На глобално ниво, околу еден од тројца (34 отсто односно повеќе од 28-те проценти минатата година)очекуваат луѓето во нивната земја да станат потолерантни едни кон други, но со огромни разлики од една земја до друга. Во Индија таквото уверување продолжува да расте (65 проценти сега од 60-те минатата година), и, иако е сè уште низок, во Франција процентот е речиси двојно зголемен од минатата година од 9 отсто во 2022 година на 17 отсто во 2023 година. Јапонија сега ја замени Франција на дното на табелата со само 12 проценти од населението што мисли дека луѓето ќе станат потолерантни еден кон друг.
Технологијата во 2023 година
Многу од луѓето сметаат дека наредната година ќе ја одбележат значајни вселенски достигнувања. Речиси половината или 47 проценти очекуваат дека во 2023 ќе биде лансирана ракета кон Марс, додека 39 отсто сметаат дека е веројатно оти ќе биде лансирана услуга за вселенски туризам што ќе понуди луѓе да патуваат и да слетаат на Месечината.
Помалку од испитаниците или 27 проценти сметаат дека е веројатно дека во човечкот мозок ќе биде вграден имплант што ќе ги враќа загубените спомени.
Поглед кон 2023
Надежта никогаш не умира. И покрај сета негативност и неизвесност околу иднината, двајца од тројца испитаници (65%) сè уште очекуваат подобра година во 2023 година отколку што доживеале во 2022 година, што се движи од 36 проценти од Јапонците до 85 отсто од Бразилците. Оптимизмот на Кина е намален од 94 проценти во 2022 година на 83 отсто во 2023 година. Оптимизмот за следната година е значително намален (за над десет процентни поени) во 24 од 32 земји опфатени со анектата оваа и минатата година, со особено големи падови забележани во Шведска (- 26 поени), Италија, Данска и Јужна Кореја (сите пад од 19 поени) и Јапонија (-18 поени). Оптимизмот бележи зголемување само во Бразил, но и тамо тоа е маргинално, од 82 на 85 проценти.
Како и изминатите години, тројца од четворица (74%) велат дека во 2023 година ќе донесат некои лични одлуки со конкретни активности за себе или останатите. Дури 91 проценти во Перу, 90 отсто во Колумбија и во Мексико и 89 отсто во Кина планираат така. Холандија (45 отсто), Јапонија (41%) и Шведска (35%) се единствените земји каде што помалку од половина од населението планира да донесе позначајни животни одлуки.
Објавените резултати се од истражување спроведено од ИПСОС во 36 преку онлајн-платформата „Global Advisor“. Анкетата опфати 24.471 возрасно лице на возраст од 18-74 години во САД, Канада, Република Ирска, Израел, Малезија, Јужна Африка и Турција, на возраст меѓу 20-74 години во Тајланд, меѓу 21-74 во Индонезија и Сингапур, како и од 16 до 74 години во 26 други земји.
OhridNews