Во изложбениот салон на Центарот за култура „Григор Прличев “ попладнево беше отворена изложбата на хрватската ликовна уметница, Ана Јакиќ Дивковиќ.

 

Директорката на Центарот за култура Драгана Боцеска го изрази своето задоволство од меѓукултурната соработка со Хрватска, додека академскиот ликовен уметник Славко Упевче дополни дека оваа е една од мноштвото континуирани соработки со хрватски уметници.

„Досега имавме изложби на хрватска графика, хрватска керамика и на наше огромно задоволство сега имаме изложба на колажи, така што мислам дека во иднина не очекува уште поплодна соработка.“ – рече Упевче.

 

Виолета Калиќ, историчар на уметноста се осврна подетално на творечкиот опус на Ана Дивковиќ, нејзиниот ликовен стил и израз, особено говореше за инспирацијата за оваа изложба на колажи.

„Богатството на сугестивна нарација и умешноста на транспонирањето на чудесно моќната имагинација, автентичноста не поведуваат во светот на бајката, на митот и митологијата, на епските спевови, на милозвучноста на расказот и светот на басните полни со алегорија. Бајковитиот свет на Ана Јакиќ Дивковиќ во миг не понесува, не обзема со превезот на флуидот, на магичното и фантастичното, потсетувајќи не на историските страници на големите мајстори, поместувајќи ги хоризонтите на времето и просторот. “- истакна Калиќ.

Изложбата беше посетена од различни генерации љубители на уметноста кои беа импресионирани од трпеливоста и макотрпноста со која се изработени колажите. Најбројни беа учениците од основното училиште „ Свети Климент Охридски “од Охрид .

„Се радувам за можноста да присуствувам на отворањето на оваа изложба и морам да признаам дека буди многу ведри, позитивни чувства. Секоја чест.“ 

„Одамна не сум била на изложба составена од толку прекрасно осмислени и трпеливо изработени колажи со фантастични мотиви.“ 

„Добро е да се види нешто толку софистицирано и со надреалистична димензија, инспирирано од светот на бајките, сказните, басните, што го буди детето во нас. “ – беа коментарите на посетителите. 

Инаку Ана Јакиќ Дивковиќ е академска сликарка графичарка, родена во Ердут 1963 година. Дипломирала на Акдемија за ликовни уметности во Загреб, во класата на професорот Фране Паро, графички оддел. Од 1982 година се занимава со илустрација. Илустрирала книги на поезија од хрватски автори, како и научни публикации. Илустрации и текстови објавувала во списанија и за деца, а воедно е автор на илустрации и текстови на повеќе сликовници. Живее и работи во Загреб.

Изложбата ќе биде отворена во текот на наредните две недели. 

Ивана Чичоска