Речиси милион луѓе на њујоршкиот Тајмс сквер на полноќ го проследија спуштањето на кристалната топка со што беше означен почетокот на Новата 2007 година, но и крајот на величенствената журка која низ улиците на Њујорк траеше неколку часа.
Брисел со огномет над централниот градски плоштад Гран Плас го одбележа доаѓањето на Новата година.
Околу 400.000 луѓе традиционално со шампањ ја пречекаа Новата 2007 година на Елисејските полиња, најголемата авенија во Париз. Над 310 автомобили беа запалени на новогодишната ноќ во Франција, а 258 лица се приведени. Лесно се повредени тројца полицајци од вкупно 25.000 кои беа на служба на новогодишната ноќ.
На традиционалната „Новогодишна патека“ во Виена, долга неколку километри, околу 700.000 луѓе ја пречекаа Новата година. На повеќе од 100 тезги ширум центарот на австриската престолнина гостите се запознаа со топлиот традиционален зимски пијалак – пунч.
Десетици илјади луѓе се собраа во центарот на Загреб и на улиците и плоштадите ширум земјата и со огномет и музичка програма го одбележаа доаѓањето на Новата 2007 година.
На новогодишната журка на плоштадите и улиците на Белград присуствуваа десетици илјади луѓе. Традиционалниот огномет точно на полноќ во Белград го најави почетокот на Новата година.
Триесет и пет илјади луѓе пееја и танцуваа на плоштадот Таксим во Истанбул, каде што ја пречекаа Новата година. Во турската престолнина Анкара немаше прослава на Новата година на отворено поради ниските температури.
Новата 2007 година прво почна да се прославува во јужниот дел на Тихиот Океан. Новата година ја пречекаа жителите на источниот дел на островската република Карибати. Потоа милион граѓани на Австралија ја пречекаа Новата година во Сиднеј на еден од симболите на градот – мостот Харбер. Во Сиднеј спектакл со огномет имаше на платото на познатата Опера Хаус.