Американскиот претседател Џо Бајден изрази солидарност со Израел по нападот од Иран и се сретна со неговиот тим за национална безбедност за да разговара за ситуацијата, пренесоа светските агенции.

Нашата посветеност на безбедноста на Израел наспроти заканите од Иран и неговите полномошници (во регионот) е непоколеблива, напиша Бајден на социјалната мрежа Х, објавувајќи фотографија од итен состанок во Белата куќа со неговите советници за безбедност.

„Европската унија најостро го осудува неприфатливиот ирански напад врз Израел“, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

ЕУ силно го осудува неприфатливиот ирански напад врз Израел. Ова е невидена ескалација и сериозна закана за регионалната безбедност, напиша Борел на Х.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен исто така го осуди воздушниот напад на Иран врз Израел.

Во објава на мрежата Х утринава, Фон дер Лајен го повика официјален Техеран веднаш да ги прекине воздушните напади.

Силно го осудувам бесрамниот и неоправдан напад на Иран врз Израел и го повикувам официјален Техеран и неговите претставници веднаш да ги прекинат овие напади, порача Фон дер Лајен.

Германија повика на итен прекин на нападот. „Најостро го осудуваме тековниот напад, кој може да го фрли целиот регион во хаос“, напиша министерката за надворешни работи Аналена Бербок во објава во Х.

Британскиот премиер Риши Сунак го осуди „непромислениот“ напад на Иран врз Израел, за кој рече дека ја покажува неговата „намера да направи хаос во својот двор“.

Овие удари се закануваат да ги разгорат тензиите и да го дестабилизираат регионот. Иран уште еднаш покажа дека има намера да направи хаос во својот двор, вели Сунак.

„Велика Британија ќе продолжи да се залага за безбедноста на Израел и безбедноста на сите наши регионални партнери, вклучително и Јордан и Ирак“, додаде британскиот премиер.

Италија со внимание и загриженост ја следи ситуацијата по испраќањето ирански беспилотни летала против Израел, објави италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани на мрежата Х.

Внимателно и со загриженост следиме што се случува на Блискиот Исток. Зборував со премиерката (Џорџа Мелони) и министерот за одбрана (Гвидо Крозето) – Владата е подготвена да се справи со секое сценарио, рече Тајани.

„Одлучувајќи се за ваков чин без преседан, Иран преминува нов праг во своите дестабилизирачки дејства и создава ризик од воена ескалација“, предупреди францускиот министер за надворешни работи Стефан Сежурне.

Франција ја потврдува својата посветеност на безбедноста на Израел и го уверува во својата солидарност, додаде тој.

Египетското Министерство за надворешни работи соопшти дека „повикува на максимална воздржаност“ и дека е „во директен контакт со сите страни во конфликтот за да се обидат да ја задржат ситуацијата“, истовремено предупредувајќи на „ризикот од регионално проширување на конфликтот“.

Саудиското Министерство за надворешни работи ги повика сите страни во конфликтот на воздржаност.

Канада недвосмислено ги осудува овие воздушни напади“, рече премиерот Џастин Трудо во изјавата во која ја изрази својата „солидарност со Израел“. Тој рече дека нападите „уште еднаш го покажуваат презирот на иранскиот режим кон мирот и стабилноста во регионот“.

Аргентинскиот претседател Хавиер Милеи ја изрази „својата солидарност и непоколеблива посветеност на државата Израел“.

Мексиканската влада соопшти дека е „длабоко вознемирена“ од нападот и од „цената што оваа акција може да ја има во однос на илјадници човечки животи“.

Министерот за надворешни работи на Чиле, Алберто ван Клаверен, на Х напиша дека е „вознемирен од сериозната ескалација на тензиите на Блискиот Исток и од иранските напади против Израел“.

Кина ја изразува својата силна загриженост поради влошувањето на актуелната ситуација и ги повикува сите засегнати страни да покажат воздржаност и смиреност за да се избегне понатамошна ескалација на тензиите, соопшти Министерството за надворешни работи во Пекинг.

OhridNews

Фото: Freepik