Православната црква денеска го одбележува споменот на Светите маченици Тимотеј и Мавра и на Преподобен Теодосиј Киево-Печерски.
Житие за Светите маченици Тимотеј и Мавра
Судбината на овие прекрасни маченици, женик и невеста, е чудна. Дваесет дена по венчавката беа изведени на суд заради верата во Христос пред Тиавидскиот намесник Аријан, во времето на царот Диоклецијан. Тимотеј беше чтец во црквата во неговиот роден крај. „Кој си ти?“, го праша намесникот. Тимотеј одговори: „Јас сум христијанин и чтец на Црквата Божја.“ Оној пак му рече: „Не ги гледаш ли до тебе приготвените справи за мачење?“ Тимотеј одговори: „И ти не ги гледаш Божјите ангели што ме крепат“. Тогаш намесникот нареди и ушите му ги прободија со железна прачка, така што од болка му искокнаа очните зеници. Потоа го обесија главечки и му ставија во устата дрво. Мавра најпрво се исплаши од маките, но кога мажот ѝ ја охрабри и таа ја исповеда својата вера пред намесникот. Овој нареди и најнапред ѝ ја искубаа косата, а потоа ѝ ги отсекоа и прстите на рацете. По многубројни долги маки, на коишто брзо би подлегнале да не ги крепеше благодатта Божја, обајцата беа распнати на крст еден кон друг. Висејќи на крстовите останаа живи цели девет дена, советувајќи се и крепејќи се еден со друг во трпењето. Десеттиот ден Му го предадоа својот дух на Господ, за Кого претрпеа крсна смрт, со што се удостоија за Неговото Царство. Чесно пострадаа за Христа во 286 година.