Православната црква денеска го одбележува празникот посветен на Светиот свештеномаченик Теодот, Светиот маченик Троадиј, Четиристотини и четириесет маченици, Преподобен Агатон и на Светата маченичка Евталија.
Житие за Светиот свештеномаченик Теодот
Епископ Кириниски на островот Кипар. За неговата мудрост и добродетел го избраа за епископ и со љубов и ревност управуваше со Црквата Божја. Кога настана гонење на христијаните во времето на нечестивиот цар Ликиниј, овој Божји човек беше изведен на суд и подложен на маки. Кога мачителот Савин го советуваше да се одрече од Христа и да им се поклони на незнабожечките идоли, Теодот му одговори: „Да би ја знаел ти добрината на мојот Бог на Кого се надевам дека заради овие краткотрајни маки ќе ме удостои со вечен живот и самиот би посакал да пострадаш за Него вака како јас“. Му удираа клинци во телото, а тој Му се молеше на Бога со благодарност; па мислејќи дека крајот му е близу, ги советуваше и ги поучуваше христијаните што беа околу него. Но по Божја Промисла царот Константин во тоа време објави слобода за христијаните и нареди да бидат пуштени сите што се под суд заради Христа. Тогаш го ослободија и овој светител и така изнамачен се врати на епископската столица во Киринија и поживеа уште две години. Потоа се упокои во Господ Кому верно Му служеше и за Кого многу пострада. Земниот живот го заврши и замина во дворците Господови во 302 година.