Православната црква денеска го одбележува споменот на Светиот маченик Маврикиј и седумдесетмина војници,  Многубројните маченици во Евгенија близу Цариград, Преподобните Таласиј и Лимниј и на Свети Папиј Ераполски.

Житие: Светиот маченик Маврикиј и седумдесетмина војници

Во времето на царот Максимијан имаше големо гонење на христијаните. Маврикиј беше старешина на војската во градот Апамија Сирска. Незнабожците го обвинија кај царот како христијанин и како сеач на христијанската вера меѓу војниците. Самиот цар дојде и поведе истрага. Заедно со Маврикиј пред царот беа изведени и седумдесетмина војници христијани, меѓу кои и Маврикиевиот син Фотин. Овие јунаци не можеа да ги поколебаат ниту ласкањата ниту заканите на царот. На заканите му одговорија: „О цару, нема страв во доброумната и моќна душа на оние што Го љубат Господа!“ Кога царот нареди и им ги соблекоа војничките појаси и облеката, тие рекоа: „Нашиот Бог ќе н ѐ облече во облеки и појаси нераспадливи и со вечна слава!“ Кога царот ги укоруваше затоа што ги презреа војничките почести што им ги беше дал, одговорија: „Твоите почести се бесчестење, зашто заборави на Бога Кој ти ја даде царската власт! Тогаш царот нареди, па пред очите на Маврикиј го убија син му Фотин за со ова да го исплашат таткото и останатите. Но Маврикиј рече: „Ни ја исполни желбата наш мачителу и го испрати пред нас Христовиот војник Фотин“. Тогаш царот ги осуди на најнечовечна смрт – ги одведоа во една кал, ги разголеа, ги врзаа за дрвјата, ги намачкаа со мед за да ги испокасаат комарци, стршени и оси. Дури десеттиот ден во страшни маки Му ги предадоа своите души на Бога, за вечно да се радуваат со светите ангели на небото. Христијаните тајно ги зедоа нивните тела и чесно ги погребаа. Овие храбри Христови војници пострадаа околу 305 година.