Според православниот календар денеска се одбележува празникот посветен на Светиот маченик Евсигниј.
Тој бил војник кај царот Максимијан, кај царот Константин Велики и кај неговите синови. Присуствувал на мачењето на Светиот маченик Василиск (22 мај) кога видел множество од ангели и Самиот Господ Исус како од ангелите ја прима душата на овој Свет маченик. Војувал за царот Константин и го видел крстот што му се јави на царот. Откако ислужил во војска цели шеесет години, за време на царувањето на Константиновите синови се повлекол од воената служба и се населил во Антиохија, којашто му била роден град. Тука животот го минувал богоугодно, во пост, молитва и добри дела. Во времето на Јулијан Отстапник двајца скарани луѓе на улица го зеле него за судија. Тој му пресудил правда на правиот, заради што кривиот се налутил, отишол кај царот и го обвинил Евсигниј како христијанин. Царот го повикал на суд, но тој го изобличил царот за страшното отстапништво од верата и го укорил со светлиот пример на великиот Константин. Огорчен, Јулијан наредил и му ја отсечат главата. Свети Евсигниј пострадал и се преселил во Небесното Царство во длабока старост, во 362 година.
OhridNews