Во периодот кога е најтопло времето народот празнува три дена како што се вели од оган. Тоа се празниците посветени на Светите маченици Кирик и Јулита, Светиот маченик Антиоген и неговите 10 ученици и Светата маченица Марина (Огнена Марија).

Се верувало дека кој ќе работи во текот на овие празници ќе страда од оган, ќе му изгори куќата, или бидејќи е време за жетва само од себе или од небесен оган ќе се запали и ќе изгори целата сеидба, како пожнеаното така и нежнеаното. Некаде се верува дека ќе изгори само тоа што е пожнеано тој ден. Во народот овие три дена се нарекуваат Горешници (од оган-горење) или во други места Чуруци (пак од чур-чад, чурење-чадење на оган).

Светиот маченик Антиоген, Епископ Севастиски, живеел во еден манастир близу градот со десетмина ученици. Во времето на Диоклецијан во Севастија дошол Филомарх, лут мачител на христијаните. Тој убил мнозина христијани од градот. Кога го видел Атиноген и неговите ученици, му рекол на старецот да им принесат жртви на идолите за да не загинат како што пострадале другите христијани. Атиноген му одговорил: „О мачителу, тие што ги нарекуваш загинати не се загинати, туку на небото ликуваат со ангелите.“ После тешки мачења сите биле убиени со меч: најпрвин свештениците и сотрудниците на Атиноген, а потоа и самиот Атиноген. Тоа се случило во 311 година.

Јасминка Т. Момироска