Православната црква денеска го одбележува споменот на Светиот апостол Тадеј, Светата маченичка Васа и нејзините деца: Теогниј, Агапиј и Пист, Преподобен Аврамиј Смоленски и Светите праотци Авраам, Исаак и Јаков.
Житие за Светиот апостол Тадеј
Еден од Седумдесеттемина, а не оној Тадеј којшто беше од Дванаесеттемина апостоли. Свети Тадеј прво го виде и го слушна Св. Јован Крстител и прими крштевање од него, а потоа Го виде Господ Исус и Го следеше Него. Господ го вброја меѓу Седумдесеттемина помали апостоли, коишто ги испрати двајца по двајца пред лицето Свое (Лука 10, 1). После Своето славно Воскресение и Вознесение Господ го испрати Тадеј во Едеса, која е родното место на Тадеј, според ветувањето што му го даде на кнезот Авгар кога му ја испрати крпата со Својот лик на неа (откако се избриша). Штом ја целиваше таа крпа Авгар се излечи од лепрата, но не сосем. Малку лепра му остана на лицето. Кога Св. Тадеј му се јави на Авгар, овој го прими со голема радост. Апостолот го поучи во верата и го крсти. Кога излегуваше од водата на Крштението, остатокот од лепрата на неговото лице спадна и тој стана сосем здрав. Кнезот Авгар Го прослави Бога и посака и неговиот народ да Го познае вистинскиот Бог и да Го прослави. И кнезот ги повика сите граѓани на Едеса пред апостолот Тадеј за да ја чујат проповедта за Христа. Откако ги чуја зборовите на апостолот и го видоа кнезот чудесно исцелен, луѓето ги отфрлија идолите и нечистото живење и ја примија Христовата вера и се крстија. Кнезот Авгар изнесе многу злато и му го понуди на апостолот, но Тадеј му рече: „Кога своето го оставивме, како да го примаме туѓото?“ И тој го проповедаше Евангелието ширум Сирија и Феникија. Се упокои во Господ во градот Вирит Финикиски.
Житие за Светата маченичка Васа и нејзините деца: Теогниј, Агапиј и Пист
Беше жена на идолски жрец, но потајна христијанка. Своите синови ги воспита во христијански дух. Нејзниот маж ја замрази заради христијанската вера и ја предаде на мачење нејзе и синовите. После тешки измачувања ги убија нејзините синови со меч (се мисли дека ова било во Едеса, во Македонија). Васса беше радосна заради чесниот крај на маченичкиот подвиг на нејзините синови и оттогаш самата со уште поголема усрдност минуваше од мака во мака. Кога ја фрлија во морето, се јавија ангели и ја одведоа на еден остров во Мермерното Море, каде што беше убиена со меч, во времето на Максимијан. Света Васса двојно се удостои со Христовото царство: како маченичка и како мајка на маченици.