Светиот апостол Матиј
Родум од Витлеем, од племето Јудино. Му беше ученик на Свети Симеон Богопримец во Ерусалим. Кога Господ излезе да проповеда за Царството Божјо, тогаш и Матиј им се придружи на оние што Го љубеа Господа, зашто и самиот од сесрце Го љубеше, со сладост ги слушаше Неговите зборови и ги гледаше Неговите дела. Во почетокот Матиј беше прибројан кон Седумдесеттемина помали Христови ученици, но по воскресението на Господ, бидејќи местото на Јуда којшто Го предаде беше испразнето, апостолите со жрепка го избраа Матиј за еден од Дванаесеттемина големи апостоли (Дела 1, 23). Откако Го прими Светиот Дух на Педесетница, Матиј појде на проповед на Евангелието и проповедаше најнапред во Јудеја, потоа во Етиопија, каде што претрпе големи маки за Христа. Се смета дека проповедал и во Македонија, каде што сакаа да го ослепат, но тој стана невидлив за своите мачители и така ја избегна опасноста. Кога се најде во затвор, му се јави Господ, го укрепи и го ослободи. Најпосле повторно се врати на работа во Јудеја. Овде беше обвинет и изведен на суд пред првосвештеникот Анан, пред кого неустрашливо сведочеше за Христа. Анан, оној истиот којшто претходно го уби апостолот Јаков, го осуди и Матиј на смрт. Тогаш Светиот апостол Матиј го изведоа и го убија со камења, а отпосле му ја отсекоа главата со секира (ова беше римски начин на погубување на осуденици, а Евреите го применија врз мртов човек за да претстават пред Римјаните како убиениот да бил и противник римски). Така заврши овој голем Христов апостол и се всели во вечноста на својот Господ.
Светиот маченик Антониј
Граѓанин александриски. Изведен пред кнезот незнабожечки, тој слободно ја објави својата вера и беше мачен, биен и стружен, но не сакаше да се одрече од Христа. Најпосле го фрлија во оган и од сред огнот му говореше на народот: „Браќа мои возљубени, не робувајте му на телото, туку повеќе грижете се за душата, којашто ви е дадена од Бога и Нему Му е сродна, Нему и на Божествените сили.“ И така поучувајќи го народот и горејќи во огнот, Му ја предаде својата света душа на Бога.