Светата православна црква денеска го одбележува споменот на Светиот апостол Јаков, Свети Донат, Светата маченичка Аргира и Свети Игнатиј Брјанчанинов.
Светиот апостол Јаков
Син на Заведеј, брат на Јован, еден од Дванаесеттемина. Кога Господ Исус ги повика, тој и брат му Јован ги оставија рибарските мрежи и својот татко и веднаш тргнаа по Него. Спаѓа меѓу оние тројца апостоли на коишто Господ им ги откриваше најголемите тајни, пред кои се преобрази на Тавор и пред коишто тагуваше во Гетсиманската градина пред да пострада. Откако Го прими Светиот Дух, Св. Јаков по разни краишта го проповедаше Евангелието и отиде дури до Шпанија. Кога се врати оттаму со него почнаа да се препираат за Светото Писмо Евреите. Бидејќи никако не можеа да му одолеат, најмија еден маѓесник Хермоген. Но Хермоген и неговиот ученик Филип обајцата беа победени од силата на Вистината што ја проповедаше апостолот и откако беа поразени се крстија. Тогаш Евреите го обвинија кај Ирод и го наговорија некој Јосија да клевети на апостолот. Овој Јосија го виде мажественото држење на Светиот апостол и штом ја слушна јасната проповед за Вистината, се покаја и поверува во Христа. Кога го осудија на смрт Јаков, го осудија и Јосија. Тој го молеше апостолот да му го прости гревот на клевета. А Јаков го прегрна, го целива и му рече: „Мир на тебе и прошка!“ И обајцата ги наведнаа главите под мечот и беа убиени за Господ Кого Го возљубија. Свети Јаков пострада во 45 година во Ерусалим. Неговото тело беше однесено во Шпанија, а на неговиот гроб и денес се случуваат чудесни исцеленија.
Свети Донат
Епископ во Еврија Албанска. Бог му даде голема благодат на чудотоврство, па правеше многу чуда корисни за луѓето. Така претвори горчлива вода во пивка, низведе дожд во сушно време; ја исцели од лудило царската ќерка, воскресна мртовец. Овој мртовец му го имаше исплатено долгот на својот заемодавец, но бидејќи несовесен заемодавецот сакаше уште еднаш да си го наплати долгот и го бараше од вдовицата на покојниот. Вдовицата плачеше и му се жалеше на епископот. Свети Донат го опомена заемодавецот да почека да го погребаат човекот пред да поразговарат за ова. Но заемодавецот настојуваше со жестокост. Тогаш Свети Донат му пристапи на мртовецот, го фати и му викна: „Стани, брате, и види што имаш со твојот заемодавец!“ Мртовецот се крена и со грозен поглед го погледна својот заемодавец, па му кажа каде и кога му го платил долгот. И плус тој ја побара од овој заемодавец својата писмена обврзница. Исплашен заемодавецот му ја врачи неговата хартија, мртовецот ја искина и повторно легна и се упокои. Свети Донат мирно се упокои во длабока старост и отиде кај Господ во 387 година. Неговите мошти почиваат во Еврија во Албанија.
Светата маченичка Аргира
Оваа Христова маченичка е родена во Бруса, од благочестиви родители. Штотуку се омажи за еден христијанин, во неа се загледа еден Турчин од соседството, па ја повикуваше на грев со него. Христољубивата Аргира ги одбиваше нечистите предлози на Турчинот. Но овој се разбесни и ја обвини на судот дека божем сакала да прими ислам, па се откажала. Од судија до судија, од затвор до затвор, Света Аргира помина цели петнаесет години страдајќи за Христа. Зашто Го љубеше Господ над с ѐ . Најпосле се упокои во затворот во Цариград во 1725 година.