Светиот Великомаченик Теодор Тирон живеел во понтискиот град Амасија за време на римскиот цар Максимилијан. За време на владењето на овој цар извршена е најжестока хајка против христијаните. Тогаш настрадал и Светиот Великомаченик Теодор.Тој не сакал да се откаже од Христа и на паганските богови да им принесе жртва поради што бил затворен и мачен. Но и во затворот не се уплашил од смртта и пеел црковни песни поради што бил осуден на смрт со запалување и бил запален на клада на 17.02.306 год. Затоа на овој ден се празнува споменот на Светиот Великомаченик Тодор. Но народот празнува уште еден празник посветен на овој светец. Тоа е Тодорова сабота, како се вика првата сабота од Велигденските пости, односно првата сабота по Прочка. Овој празник е подвижен и зависи од Велигден.
Денешната Задушница секогаш е во сабота и е една недела пред Прочка, која секогаш се паѓа во недела.Овој ден во некои краишта на Македонија е познат под името Умрело дете за баничка, а во други Умрело дете за кора.Тоа е поврзано со легендата за некое сиромашко дете што гледајќи како богатите носат секој ден на фурната сукани јадења, побарало од мајка му да му меси баничка. Мајка му, бидејќи немала брашно, постојано го лажела дека следниот ден ќе му меси, а детето чекајќи плачело и умрело.Во спомен на тој ден и детето, на овој ден се меси баничка, зелнук или друга храна и се раздава.
Неделата пред Прочка се вика Месопусна или Месна недела, а некои ја викаат и Месни Поклади зашто на тој ден се запокладува(запостува) со месо, месни производи и свинска маст. Овој период од седум дена од месни поклади до Прочка се вика и Сирна недела или Сирници поради тоа што во овој период се јадат млечни производи, а некои ја викаат и Бела недела.Од Сирни Поклади што се совпаѓа со Прочка започнува да не се јадат и млечни производи и започнуваат големите, долги седум недели, Велигденски пости што траат до Велигден.