Светиот
Великомаченик Теодор Тирон живеел во понтискиот град Амасија за време
на римскиот цар Максимилијан. За време на владењето на овој цар
извршена е најжестока хајка против христијаните. Тогаш настрадал и
Светиот Великомаченик Теодор.Тој не сакал да се откаже од Христа и на
паганските богови да им принесе жртва поради што бил затворен и
мачен.Но и во затворот не се уплашил од смртта и пеел црковни песни
поради што бил осуден на смрт со запалување и бил запален на клада на
17.02.306 год. Затоа на овој ден се празнува споменот на Светиот
Великомаченик Тодор. Но народот празнува уште еден празник посветен на
овој светец. Тоа е Тодорова сабота, како се вика првата сабота од
Велигденските пости, односно првата сабота по Прочка. Овој празник е
подвижен и зависи од Велигден.
Педесет
години по смртта на Свети Тeодор во Цариград владеел цар Јулијан
Отстапник. Така бил наречен поради тоа што во младоста бил христијанин,
а подоцна кога станал цар се откажал од христијанството и со сите
средства ги прогонувал христијаните. Таа година сакајќи на некој начин
да им напакости на христијаните, а знаејќи колку им значи Велигденскиот
пост особено првата недела по која некои се причестуваат царот наредил
сета храна што се продавала по пазарите да се попрска со крв од жртвите
што се принесувани на идолите. Но тогаш на цариградскиот патријарх не
во сонот, туку на јаве, му се јавил Свети Теодор Тирон и му рекол да им
забрани на христијаните да купуваат храна од пазарите зашто таа ќе биде
осквернета со крв. Наместо тоа да јадат цела недела пченица со мед.
Патријархот така постапил, христијаните цела недела јаделе жито и така
останале неиспоганети. Во спомен на овој настан првата сабота од
Велигденските пости е наречена Тодорова сабота.
За
празникот Тодорова сабота се врзани повеќе верувања и обичаи. Интересен
обичај изведувале во Дебарца спроти празникот девојчињата со цел да
научат да везат. Тие дома подготвувале ќесиња направени од крпчиња и
врз нив само започнувале да везат,а потоа ги полнеле со пепел. Додека
биле во црквата вечерта спроти празникот скришум со куклушка од треска
ќесето го закачувале за појасот на некоја жена што била позната како
добра везачка. Овие жени пак што ќе собереле повеќе вакви ќесиња на
враќање ги фрлале во река со благослов „Како што брза водата така и
девојчињата да научат да везат“
На овој ден младите изведувале и повеќе обичаи со кои сакале да дознаат кој е нивниот иден брачен другар.
Вакви обичаи забележал и Марко Цепенков.
„Во петок вечер спроти Тодороа сабота, кое девојче сака да си го види
кое момче ќе си го земи за маж да је биди -еве како ќе напраи: ќе седни
да вечера и првијо залак што ќе го сожвакат, нема да го голтни, ами ќе
го изваи од уста и ќе го чува за кога ќе си легни да го клаи под
перница. Спиејќи над залаго, ќе и дојди тоа момче што и е наречено за
да ја земи. Ако види некое момче што го знае него ќе го земи бездруго, а пак ако види некое непознато, непознатото момче ќе го земи.“
Богослужби:
По повод празникот „Св. Свештеномаченик
Теодор – Епископ Киринејски“ – (Тодорова сабота), утре, 7 март 2009
година, во црквата „Света Богородица“ – Каменско, ќе се служи света
архиерејска литургија, со почеток во 8.00 часот. Со богослужбата ќе
чиноначалствува неговото високопреосвештенство митрополитот
Дебарско-кичевски г. Тимотеј, со повеќемина свештенослужители.
Богослужби по повод Тодорова сабота ќе има и во сите парохиски цркви во Охрид.
На
8 март 2008 година (недела), во црквата „Свети Никола“ – Геракомија, ќе
се служи света архиерејска литургија, по повод првата недела од
Велигденскиот пост „Недела на Православието“. Богослужбата започнува во
8.45 часот, а ќе чиноначалствува неговото високопреосвештенство
митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј.
Богослужби ќе има и во сите парохиски цркви во Охрид.
По тој повод Дебарско-кичевската епархија ги повикува сите свои верници на заедничко прославување на овие празници
Јасминка Т. Момироска