Роден во Мисир,
египетскиот војник Мино живеел за време на царот Диоклецијан кога бил
вршен прогон над христијаните. Бил офицер во царската војска но ја
напуштил службата и заминал во пустина зошто подобро се снаоѓал меѓу
ѕверовите отколку меѓу луѓето неверници. Еднаш додека паганите
прославувале некој свој празник, Мино влегол во градот, објавил дека е
слуга Христов и ги разобличил идолопоклонството и паганството како
најголем мрак и незнаење. Поради тоа бил изложен на големи мачења, бил
тепан, а потоа исечен со меч и фрлен во оган за да не можат
христијаните да го погребаат. Но тие сепак спасиле делови од неговото
тело и пристојно ги погребале. Подоцна тие биле пренесени во
Александрија и биле погребани, а над нив била подигната црква посветена
на неговото име.

Свети
Мино пострадал во 304 година. Правел чуда за време на животот и по
смртта. Често им се јавувал на тие што му се обраќале, некогаш како
војник качен на коњ, и им помагал на тие што биле во неволја.  

Јасминка Т. Момироска