Роден во Мисир, египетскиот војник Минa (Мино) живеел за време на царот Диоклецијан кога бил вршен прогон над христијаните. Бил офицер во царската војска но ја напуштил службата и заминал во пустина зошто подобро се снаоѓал меѓу ѕверовите отколку меѓу луѓето неверници.
Еднаш додека паганите прославувале некој свој празник, Минa влегол во градот, објавил дека е слуга Христов и ги разобличил идолопоклонството и паганството како најголем мрак и незнаење. Поради тоа бил изложен на големи мачења, бил тепан, а потоа исечен со меч и фрлен во оган за да не можат христијаните да го погребаат.
Но, тие сепак спасиле делови од неговото тело и пристојно ги погребале. Подоцна тие биле пренесени во Александрија и биле погребани, а над нив била подигната црква посветена на неговото име.
Свети Минa пострадал во 304 година. Правел чуда за време на животот и по смртта. Често им се јавувал на тие што му се обраќале, некогаш како војник качен на коњ, и им помагал на тие што биле во неволја.
Јасминка Т. Момироска