Светиот великомаченик Димитрија живеел во третиот век по Христа. Се родил во Солун и бил син на градоначалникот на овој град. Легендата вели дека солунскиот војвода долго време немал пород и по многуте молитви упатени кон Бога бил даруван со машко дете кое со големо внимание го образувал и воспитувал и го воведувал во христијанството. Во тоа време овие краишта биле во составот на Римската империја и со нив управувал царот Максимилијан кој бил паганин и жестоко ги прогонувал христијаните.
По смртта на татко му, Димитрија од страна на Максимилијан бил именуван за градоначалник на Солун при што бил советуван да биде немилосрден кон христијаните, да ги убива и прогонува секаде каде што ќе ги сретне. Но Димитрија бил христијанин. Најпрвин тајно, а потоа и јавно го подржувал христијанството, ги подучувал христијаните како да се чуваат од лошите пагани и да не се откажуваат од Христа дури и по цена на животот. Но за ваквата дејност на Димитрија разбрал и царот Максимилијан. За да се увери во тоа што го слушнал тој дошол во Солун. Димитрија не само што не порекнувал дека е христијанин туку и го презрел идолопоклонството пред царот. Затоа овој наредил веднаш да се фрли во затворот. Димитрија знаејќи што го чека уште пред да биде затворен целиот свој имот му го оставил на некој пријател по име Лупа тој да го раздели на сиромаси. Во затворот ги слушнал зборовите на ангелот Божји кој му рекол:„Мир на тебе страдалниче Христов, охрабрувај се и не очајувај“.
Во тоа време во Солун имало амфитеатар во кој се изведувале гладијаторски борби. Луѓето се бореле меѓусебно до смрт или во арената биле предавани на крвожедните ѕверови. Особено страдале измачените христијани кои биле убивани од гладијаторите или раскинувани од ѕверовите на очиглед и одобрување од преполниот амфитеатар. Меѓу гладијаторите со својата суровост посебно се истакнувал и на царот посебно му бил мил некој Лео кој ги измачувал христијаните до смрт.
Во тоа време во Солун живеел еден храбар човек по име Нестор, кој не можејќи да ги трпи нечовечните постапки на паганите, посебно на тиранинот Лео, решил да му излезе на двобој, да го убие или да загине. Тој го посетувал Димитрија во затворот и од него барал дозвола да излезе на двобој. Откако добил благослов од Димитрија ја прифатил борбата со гладијаторот и го убил. Кога за тоа разбрал римскиот цар наредил Нестор да биде исечен, а и Димитрија да биде погубен во затворот. Царските војници веднаш го убиле Нестор, а кога дошле во затворот кај Димитрија виделе како тој без страв се моли на Бога, а од лицето му зрачела чудна светлина. Плашејќи се да се доближат до него војниците го убиле од далечина гаѓајќи го со копје. Неговото тело христијаните тајно го погребале во црквата што го носи неговото име во Солун.
На иконата Свети Димитрија е претставен во војводска облека на коњ и со копје убива човек кој е под копитата на коњот. Тоа е Лео кој бил убиен од Нестор со благослов на Свети Димитрија.
Митровден се празнува на 8-ми Ноември. Тогаш се сметало дека завршува летниот период од годината, а започнува зимскиот поради собраните плодови, значително намалениот ден и студеното време. Насекаде низ Македонија на Митровден се главувале момоци, селски говедари, овчари,полјаци, но и селски старешини, одборници, коџобашии и.т.н. договор што важел до Ѓурѓовден или следниот Митровден. На Митровден се правеле гозби за главените момоци, овчари и им се исплаќала заработувачката.
Јасминка Т. Момироска