На 14 јануари православните верници го слават споменот на Свети Василиј Велики, а воедно и го празнуваат почетокот на новата година по Јулијанскиот календар.
Свети Василиј Велики бил најславниот владика во градот Кесарија Кападокиска. Роден е во Неокесарија во 330 година од побожни родители. Во 345 година заминал на школување во Кесарија Кападокиска, во 352 година во Атина. По завршувањето на школувањето на околу 30 годишна возраст се вратил во родното место станал учител, подоцна примил свештенички чин и станал проповедник во црквата. Бил многу популарен меѓу народот и лесно ги придобивал луѓето за христијанската вера поради што бил наречен втор Павле. Умрел на 14 јануари 378 година.
По тој повод и по празникот Обрезание Господово, денеска света архиерејска василева литургија ќе се оддржи на Плаошник во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон“ со почеток во 8.45 часот. Со литургијата ќе чиноначалствува Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј. Света василева литургија ќе се оддржи и во сите парохиски цркви во Охрид .
Инаку, покрај празнувањето на Св. Василиј православните христијани денеска ја слават Новата Година, според стариот Јулијански календар.
Јасминка Т. Момироска