На 14 јануари православните верници го слават споменот на Свети Василиј Велики а воедно и го празнуваат почетокот на новата година по Јулијанскиот календар.
Свети Василиј Велики бил најславниот владика во градот Кесарија Кападокиска. Роден е во Неокесарија во 330 година од побожни родители. Во 345 година заминал на школување во Кесарија Кападокиска, во 352 година во Атина. По завршувањето на школувањето на околу 30 годишна возраст се вратил во родното место станал учител, подоцна примил свештенички чин и станал проповедник во црквата. Бил многу популарен меѓу народот и лесно ги придобивал луѓето за христијанската вера поради што бил наречен втор Павле. Умрел на 14 јануари 378 година.
Покрај празнувањето на Св. Василиј православните христијани денеска ја слават Новата Година, според стариот Јулијански календар. За празнувањето на Стара Нова Година – Василица, се врзани многу обичаи. Меѓу најтрадиционалните во охридскиот крај е да се приготви пита со париче. Се верува дека на тој што ќе му падне паричето, ќе му донесе многу среќа и успех во новата година. Василичарските обичаи се спој на паганското и модерното, па така во многу краеви ден денес се одржуваат карневали, меѓу кои секако е најпознат вевчанскиот карневал. Според верувањата маскираните ги бркаат злите духови, обичај останат уште од паганско време.
Јасминка Т. Момироска