Свештеномаченикот Варлаам (Валам) бил Охридски Архиепископ од околу 1597 до 1598 година. Сведоштвата за него се оскудни. Веројатно седнал на Охридскиот архиепископски престол околу 1597 година, после заминувањето на неговиот претходник Атанасиј на дипломатско патување во Западна Европа. Поради богољубиви и родољубиви причини бил убиен од Турците на 28 мај 1598 година.

Во еден запис за неговото мачеништво стои: „Во летото 7106, месец мај 28 ден, на Архиепископот Охридски кир Валам Турците му ја отсекоа главата во град Велес, откако многу го измачија. Нека му биде споменот вечен“.

Тропар
Ревноста твоја за вистината те награди со венец страдалнички, о епископе Христов Варлааме, а светиот живот твој облагодатен го сочува телото за сведоштво пред светот, кое мироточиво пред Вечноста предстои, на Која ти сега моли се за наше покајание и спасение.