На денешен ден нашиот народ го празнува празникот на тројцата светители Св. Василие Велики, Св. Григорије Богослов и Св. Јован Златоуст. Во народното верување останало дека тие се значајни личности што страдале за Христовата вера и дека “душа дале за христијанството“. Во Охрид како што запишал Е. Спространов празникот се вика “Три стопци“ наместо три столбци или Три Светители затоа што се верувало дека тие ја крепеле земјата. Ако не биле тие, таа “ќе пропаднела“.
Христијанската црква, меѓутоа, на овој ден заедно го празнува споменот на Св. Василие Велики, Св. Григорије Богослов и Св. Јован Златоуст, иако тие си имаат и посебни празници. Овој празник е востановен во 1084 година во Цариград.
Епископот Јован го одбрал овој ден бидејќи тројцата светители имаат празници во јануари. Причината за воспоставување на овој празник е следната: Во втората половина на 11 век за време на царот Алексеј Први Комнен во Цариград настанал спор меѓу населението кој од тројцата светители е позначаен: Св. Василиј Велики, Св. Григориј Богослов или Св. Јован Златоуст. Народот се поделил на Василевци, Григоровци или Јовановци.Тогаш тројцата светители најпрвин секој одделно, а потоа и тројцата заедно му се јавиле на епископот Јован и тоа не на сон, туку на јаве и му рекле дека пред Бога тие се еднакви и меѓу нив нема никакви поделби и спротивности. Епископот Јован веднаш го собрал народот, им раскажал за средбата со тројцата светци, го востановил празникот и наредил да се празнува свечено, притоа напишал и пофално слово за овој празник.
Свети Василиј Велики бил најславниот владика во градот Кесарија Кападокиска. Роден е во Неокесарија во 330 година од побожни родители. Во 345 година заминал на школување во Кесарија Кападокиска, во 352 година во Атина. По завршувањето на школувањето на околу 30 годишна возраст се вратил во родното место станал учител, подоцна примил свештенички чин и станал проповедник во црквата. Бил многу популарен меѓу народот и лесно ги придобивал луѓето за христијанската вера поради што бил наречен втор Павле. Умрел на 14 јануари 378 година.
Во времето кога живеел Свети Василиј Велики, живеел и Свети Григорије Богослов. Бил негов другар и исто така популарен. Во Цариград во 379 година станал патријарх. Поради големото богословско образование бил наречен Богослов. Умрел на 7 февруари 389 година и на овој ден светата црква го празнува неговиот ден. Денес главата му се наоѓа во Москва, а другиот дел од телото во Рим.
По Свети Григорије Богослов во Цариград бил познат и Свети Јован Златоуст. Роден е во Антиохија во 374 година. Во раните денови од детството ги изгубил родителите, подоцна се закалуѓерил во еден манастир во близина на родното место. Бил избран за патријарх цариградски каде што се прославил со убави беседи поради што бил наречен Златоуст. Напишал многу дела, меѓу кои е и литургијата што се служи преку целата година, позната како “Златоустова литургија. Во народното предание се вели дека Свети Јован е наречен Златоуст затоа што зборувал дека литургијата треба да се служи за една пара, а не за илјада гроша како што барале некои.