Денешната Задушница секогаш е во сабота и е една недела пред Прочка, која секогаш се паѓа во недела.Овој ден во некои краишта на Македонија е познат под името Умрело дете за баничка, а во други Умрело дете за кора.Тоа е поврзано со легендата за некое сиромашко дете што гледајќи како богатите носат секој ден на фурната сукани јадења, побарало од мајка му да му меси баничка. Мајка му, бидејќи немала брашно, постојано го лажела дека следниот ден ќе му меси, а детето чекајќи плачело и умрело.Во спомен на тој ден и детето, на овој ден се меси баничка, зелник или друга храна и се раздава.
Неделата пред Прочка се вика Месопусна или Месна недела, а некои ја викаат и Месни Поклади зашто на тој ден се запокладува(запостува) со месо, месни производи и свинска маст. Овој период од седум дена од месни поклади до Прочка се вика и Сирна недела или Сирници поради тоа што во овој период се јадат млечни производи, а некои ја викаат и Бела недела. Од Сирни Поклади што се совпаѓа со Прочка започнува да не се јадат и млечни производи и започнуваат големите, долги седум недели, Велигденски пости што траат до Велигден.
Јасминка Т. Момировска