Свети свештеномаченик Харалампиј епископ од Магнезија (Тесалија) настрадал за време на царот Септимие Север кога бил вршен страшен прогон на христијаните. Под негово влијание царската ќерка Галина станала христијанка и ги искршила римските богови. Поради тоа бил страшно мачен. Според едно предание му биле отсечени рацете, а потоа бил исечен со меч. Според друго предание, пак, дури му била одрана кожата, а кога и тоа го примил како доближување до Бога, се помолил на Бога, и пред врз него да се спушти мечот на џелатот испуштил душа. Тогаш имал 113 години, а тоа се случило на 23/10 февруари 202 година. Потоа царската ќерка Галина го погребала, а неговата глава и денес се чува во манастирот Свети архиѓакон Стефан од Тесалија.
Во Охрид “Свети Араламбос“ се сметал за “пануклин празник“. Араламбос се верувало, ја држел пануклата. За ова верување забележано е следново предание: “ Едно време ко одела по земјава да бијат, је остаале казан со вода, корито, сапун, за да се к’пит. Еднуш шетала по земјава пануклата и бијала љуѓе. Еден стар чоек не сакал да побегнит, се скрил дома и се затворил отсек’де. Н’ќ ќе дојт сега да ја видам, си рекол отк’ј ќе влезит! Та му влегла низ оџак и се расчекорила над мангалот да се грејт. Како се грејала така задремала. По некое време отворила дефтерите да и гледат. Стариоф чоек по кротко и и’ грабнал и в огон. Та се наљутила, удри чинела со тупајнци и му велела “Ами сега како ќе д’м џауап, а?“ Удри, удри и сек“де удирала, само џумки се чинеле. Така г’изопрала.“
Пануклата отивала само на право и никако не се вртела лево – десно. Ако бегале луѓето не ги удирала. Затоа таа велела “Бежаноа мајка бело носила, небеганоа мајка црно носила“.